Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова до Собранието го достави предлогот проф. д-р Трајко Славески да биде именуван за гувернер на Народната банка.
„При донесувањето на одлуката, Претседателката се водеше од стручноста и компетентноста, дигнитетот и интегритетот, како и реалната можност за именување на кандидатот. Би сакале да потенцираме дека изборот беше тежок, со оглед на докажаниот квалитет на сите кандидати“, велат од Кабинетот.
Актуелниот претседател на Советот на Град Скопје, Трајко Славески ќе дојде на местото на Анита Ангеловска-Бежоска, по завршување на нејзиниот мандат.
Славески, универзитетски професор и поранешен министер за финансии, е исто така и член на ВМРО-ДПМНЕ, каде што досега извршуваше и партиски функции. Со преземањето на новата должност, Славески ќе мора да се откаже од сите партиски ангажмани, согласно законските одредби за независност на гувернерот на Народната банка.