Трамп, кој уште во јануари најави планови за забрана веднаш по преземањето на функцијата во својот втор мандат, сега изгледа е на посигурен терен бидејќи ја има поддршката на Врховниот суд.
Нова забрана за патување е воведена за Авганистан, Мјанмар, Чад, Република Конго, Екваторијална Гвинеја, Еритреја, Хаити, Иран, Либија, Сомалија, Судан и Јемен.
Дополнително, ќе има зголемени рестрикции за туристи од Бурунди, Куба, Лаос, Сиера Леоне, Того, Туркменистан и Венецуела.
Во видео-објава преку социјалните мрежи, Трамп ја поврза новата забрана со терористичкиот напад во Болдер, во сојузната држава Колорадо, кој се случи во неделата.
Тој укажа дека нападот ја покажува опасноста од посетители кои остануваат подолго од дозволеното со нивната виза. Министерството за внатрешна безбедност соопшти дека напаѓачот ја злоупотребил туристичката виза.
Трамп изјави дека некои земји немаат доволно ефикасни проверки или претходно одбивале да ги прифатат назад своите државјани. Неговите изјави главно се потпираат на годишниот извештај на Министерството за внатрешна безбедност за пречекорувања на визи од страна на туристи, деловни посетители и студенти кои пристигнуваат со авион или брод, при што се истакнуваат земјите со највисок процент на прекорачување на визата.
„Морам да дејствувам за да ја заштитам националната безбедност и интересите на САД и нивниот народ“, истакна Трамп.
Вклучувањето на Авганистан на овој список ги налути некои поддржувачи кои работеа на преселување на Авганистанци. Забраната сепак предвидува исклучок за оние кои имаат специјални имигрантски визи – главно луѓе кои најтесно соработувале со американската влада за време на 20-годишната војна во таа земја.
„Вклучувањето на Авганистан, земја чии луѓе беа рамо до рамо со американските војници 20 години, е морална срамота. Тоа е плукање во лицето на нашите сојузници, ветерани и на секоја вредност што тврдиме дека ја поддржуваме“, изјави Шон Ван Дајвер, претседател на организацијата AfghanEvac.
Трамп наведе дека Авганистан нема компетентна или соработувачка централна власт за издавање пасоши и други документи и нема соодветни мерки за проверка. Тој исто така се повика на високиот процент на прекорачувања на визи.
Хаити, кој не беше вклучен во првата забрана за патување во времето на Трамп, сега е на листата поради високите стапки на прекорачен престој и големиот број луѓе кои илегално влегле во САД. Хаиќаните и понатаму бегаат од сиромаштија, глад и политичка нестабилност.
Забраната е издадена по суспензијата на процесот на преселување бегалци, со што илјадници луѓе се блокирани – многумина веќе ја продале својата имот и имале авионски билети за САД. Во 12-месечниот период до септември 2024 година, речиси 20.000 луѓе дошле во САД како бегалци од Конго – најголем број од која било земја. На второ место е Авганистан со околу 14.000 бегалци.
Забраната доаѓа по извршна наредба на Трамп издадена на 20 јануари, со која се бара од Министерството за внатрешна безбедност и директорот на Националната разузнавачка служба да изготват извештај за „непријателски ставови“ кон САД и да проценат дали влезот на државјани од одредени земји претставува ризик за националната безбедност.
Во текот на својот прв мандат, Трамп во јануари 2017 година издаде извршна наредба со која им се забрани патувањето во САД на државјани од седум претежно муслимански земји – Ирак, Сирија, Иран, Судан, Либија, Сомалија и Јемен.
Тоа беше еден од најхаотичните и збунувачки моменти на почетокот од неговото претседателство. Патниците од тие земји беа спречени да се качат на летови кон САД или беа приведени на американски аеродроми по пристигнувањето. Меѓу нив имаше студенти, професори, деловни луѓе, туристи и луѓе кои патувале да ги посетат своите блиски.
Наредбата, често нарекувана „муслиманска забрана“ или „забрана за патување“, беше предмет на бројни судски постапки и неколку измени, сѐ додека во 2018 година еден нејзин облик не беше поддржан од Врховниот суд на САД.
Забраната се однесуваше на различни категории патници и имигранти од Иран, Сомалија, Јемен, Сирија и Либија, како и Северна Кореја и некои државни функционери од Венецуела и нивните семејства.
Трамп и неговите поддржувачи ја бранеа забраната, тврдејќи дека е насочена кон заштита на националната безбедност и дека не е базирана на антимуслимански ставови.