Природниот прираст на населението и во 2024 година е негативен, како во градските, така и во селските подрачја. Бројот на население минатата година се намалил за 4.140 лица, при што три четвртини од овој број се во урбаните средини, а една четвртина во руралните.
Најголем број раѓања се евидентирани во Скопскиот регион – 40,4 проценти од вкупниот број, додека најмал удел има Источниот регион со само 5,8 проценти.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во градските подрачја се родени 9.694 деца (60,4 % од вкупно родените), но починале 12.826 лица, што значи негативен природен прираст од -3.132 лица.
Во селските средини се родиле 6.367 деца (39,6 %), а починале 7.375 лица, со што негативниот природен прираст изнесува -1.008 лица.
Скопскиот регион води и по бројот на починати лица со учество од 30,3 %, а најмал број починати има во Североисточниот регион – 8 %.
Во однос на смртноста кај доенчињата, во градовите починале 28 бебиња, а во селата 19.
Повеќе бракови се склучуваат во градските средини – 6.014 или 54,3 %, додека во селата се склучени 5.052 бракови (45,7 %). Сепак, градовите бележат и значително повеќе разводи – 1.299 или 64,2 %, наспроти 725 разводи (35,8 %) во селските подрачја.
Кога станува збор за внатрешните миграции, најголем дел се преселби од село во град – 42,2 %, со највисок процент во Пелагонискиот регион – 52,8 %.
Интересно е што меѓуселските преселби се најчести во Полошкиот регион (49,6 %), додека преселбите од еден град во друг се релативно ретки, со само 2,5 %.
Најголем позитивен биланс од надворешните миграции (доселени минус отселени) има Скопскиот регион со +2.603 лица. Најлошо е салдото во Вардарскиот регион со намалување од -177 лица.