Свет

Почина потпретседателот на руската нафтена компанија: „Паднал од прозорец“

Почина потпретседателот на руската нафтена компанија: „Паднал од прозорец“

Потпретседателот на „Транснефт“, руската државна компанија за транспорт на нафта, почина откако наводно паднал од прозорецот на својот стан во луксузното московско предградие Рубљовка, објавија денес државните медиуми. „Транснефт“ потврди дека Андреј Бадалов починал на 62-годишна возраст, но не коментираше за околностите на неговата смрт.

Компанијата соопшти дека неговата работа била обележана со „тежок и стресен период“ поради западните санкции, објави „Москва тајмс“.

„Според прелиминарните информации, причина за смртта е самоубиство“

Телото на Бадалов е пронајдено под прозорецот на зграда на автопатот Рубљово-Успенское, објави државната новинска агенција ТАСС, повикувајќи се на неименуван полициски извор.

„Според прелиминарните информации, причина за смртта е самоубиство“, рече изворот, додавајќи дека е во тек прелиминарна истрага.

Бадалов беше задолжен за дигиталната трансформација на Транснефт откако беше назначен за потпретседател во јули 2021 година.

Неговата смрт е најновата во низата необјаснети смртни случаи на раководители во рускиот енергетски сектор откако Русија ја започна својата инвазија на Украина во февруари 2022 година. Најмалку четири смртни случаи во 2022 година беа поврзани со државниот енергетски гигант Газпром, додека други вклучуваа раководители во Новатек и Лукоил.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни