Македонија

Јаневска: Ја вративме историјата и географијата како национални предмети, испечативме нови учебници – зголемени се платите на наставниците

Јаневска: Ја вративме историјата и географијата како национални предмети, испечативме нови учебници – зголемени се платите на наставниците

Во рамки на вечерашната трибина насловена „Образование и социјална политика – ги градиме темелите на промените“, свое обраќање имаше министерката за образование и наука и претседателка на Комисијата за образование и наука, Весна Јаневска.

Таа нагласи дека изминатите години биле обележани со, како што рече, „експерименти во образованието“ – од недостаток на учебници, до концепти каде историјата била маргинализирана.

„И наставниците, и децата, и родителите – сите беа незадоволни“, рече Јаневска.

„Не само што немаше учебници, туку и децата ни се намалуваа. Тоа е резултатот на седумгодишното владеење на претходната власт“, рече министерката, посочувајќи дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, заедно со Министерството, поставиле основа за „силен, модерен и национален образовен систем“ кој ќе биде ефикасен, конкурентен и инклузивен.

Јаневска информираше дека се вратени националните предмети историја и географија, кои претходната власт се обидела, според неа, да ги „интегрира“ во некој „замислен систем“.

„Ја вративме историјата и географијата како национални предмети, испечативме нови учебници – за првпат по седум години и за странски јазици“, нагласи министерката.

Таа додаде дека Министерството затекнало состојба со 5 милијарди денари долг, но, како што рече, направен бил „голем чекор за враќање на довербата во институциите“.

Јаневска потенцираше и дека веднаш по доаѓањето на власт било договорено континуирано покачување на платите на наставниците:

„За шест месеци ги зголемивме платите на наставниците за над 12%, а потпишавме и четиригодишен договор за редовно покачување секоја година. За наставниците на универзитетите – повеќе од 14% зголемување“, заклучи министерката.

Според неа, ваквите мерки се чекор напред во градење стабилен и посветен образовен систем, кој ќе ги мотивира и учениците и наставниот кадар.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни