Само еден ден по средбата на лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, со американската конгресменка со грчко потекло, Никол Малиотакис, неговото крило во партијата остро реагираше на случувањата поврзани со Министерството за здравство, обвинувајќи го за непочитување на Преспанскиот договор и на уставните одредби.
Во соопштението на оваа фракција од АА се посочува дека на отворањето на Здравствениот дом во Илинден, министерството направило два сериозни пропусти – неупотреба на албанскиот јазик на таблите и истакнување на името „Република Македонија“ без да се користи уставното име „Република Северна Македонија“.
„Овие дејствија се спротивни на Законот за употреба на јазиците и претставуваат директно игнорирање на Преспанскиот договор“, стои во реакцијата на крилото на Таравари, кое побара јавно извинување од Министерството за здравство. Тие наведуваат и дека министерот Фатмир Меџити треба да преземе политичка одговорност за, како што велат, „загрозување на меѓународниот кредибилитет на државата“.
Во реакцијата се отвора и поширока дилема – дали постои координиран интерес меѓу одредени албански и грчки политички кругови, со цел внатрешен притисок врз прашања кои се сметаат за затворени со Преспанскиот договор. Ваквите наводи доаѓаат откако Таравари имаше средба со Малиотакис, која е позната по критиките кон македонското уставно име.
Инцидентот дополнително ја отвори и темата за политичката стратегија на опозицијата, но и за јазичната и идентитетска чувствителност во земјата.
Министерството за здравство сѐ уште нема официјален коментар на обвинувањата.