Македонија

Мицкоски: Реновирањето на студентските домови е значаен проект – студентите конечно ќе добијат повеќе од добри услови

Мицкоски: Реновирањето на студентските домови е значаен проект – студентите конечно ќе добијат повеќе од добри услови

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска го посети студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“ во Скопје, каде што изврши увид во градежните активности за енергетски ефикасна рехабилитација на објектот. По увидот, премиерот се обрати пред медиумите со изјава за значењето на овој проект за студентите и младите луѓе во земјата.

„Ова е многу значаен проект, не само за овој студентски дом, туку генерално за сите. Долго време беше заглавен во лавиринти и процедури, конечно е одглавен. Навистина голем напор од страна на министерството, и мислам дека сето она за кое што зборуваше министерката ќе се случи,“ истакна Мицкоски.

Тој додаде дека Владата останува посветена на создавање услови за достоинствен студентски живот, нагласувајќи дека од досега завршеното може да се види драстична разлика во квалитетот на условите за сместување.

„Младите конечно ќе добијат повеќе од добри услови. Споредено со тоа како било порано, станува збор за огромна разлика. Ќе уживаат не само во престојот туку и во совладувањето на материјата на факултетите и универзитетите,“ рече премиерот.

Според најавите, се очекува студентите да започнат со вселување во текот на наредната година. Проектот, како што потенцира Мицкоски, претставува дел од пошироката владина заложба за реформи и изградба, наместо, како што рече, „владите од минатото кои крадеа и ништо не направија“.

„Нашата цел е реализација на проекти и реформи, затоа што тоа го очекуваат граѓаните. Да градиме, а не да крадеме“, порача тој.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни