Премиерот Христијан Мицкоски денеска потврди дека Владата останува посветена на разгледување на статусот на министерот без ресор Шабан Салиу, кој беше опфатен во истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани што се случи во март годинава.
„Па да, треба да се видиме и да поразговараме. Веќе сме во комуникација за понатамошни чекори“, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали ќе следи разрешување на Салиу.
Имено, според достапни информации, Шабан Салиу во изминатите денови неколку пати се појавил на суд со службено возило, при што било забележано дека службениот автомобил го користи за приватни цели. Премиерот потврди дека и за оваа злоупотреба ќе се разговара со Салиу.
„И за тоа ќе поразговараме“, рече вчера Мицкоски, нагласувајќи дека Владата сериозно ги следи сите случаи на евентуално несоодветно користење на државни ресурси. Користењето на службено возило за приватни цели претставува злоупотреба на службената позиција и повреда на основните етички и правни норми во јавната администрација.
Иако во април Владата најави дека ќе размисли за негово разрешување, конкретна одлука сè уште не е донесена.