Македонија

Шест месеци живееме без плата, вработените во Инспекторатот за употреба на јазиците со писмо до медиумите

Шест месеци живееме без плата, вработените во Инспекторатот за употреба на јазиците со писмо до медиумите

Вработените во Инспекторатот за употреба на јазиците денеска јавно се огласија со драматично и остро отворено писмо, во кое алармираат дека веќе шест месеци живеат без плата, без статус и без никаква иднина, додека институциите молчат и, како што велат, го игнорираат нивното постоење и нивната егзистенција.

„Не ви пишуваме како функционери, не ви се обраќаме со соопштение. Ви пишуваме како луѓе кои шест месеци преживуваат со кредити и вересија, понижени, игнорирани и оставени без никакво човечко достоинство,“ се вели во писмото.

Според нивните наводи, Министерството за правда, под водство на Игор Филков, им должи три плати – за април, мај и јуни, а платата за јули, велат, е целосно непокриена. Тврдат дека и покрај тоа што Собранието на 24 јуни изгласало закон со кој се задолжува Министерството да ги преземе вработените во рок од 30 дена, таа обврска досега не е исполнета.

„Рокот истече. Реакција – нула. Одговор – нула. Интерес – уште помалку,“ стои во пораката.

Покрај Министерството, вработените ја обвинуваат и Владата, предводена од премиерот Христијан Мицкоски, дека е целосно информирана за проблемот, но ништо не презема.

„Доколку не реагира веднаш, Владата ја презема целата одговорност за уништување на судбините на десетици семејства,“ додаваат тие.

Во писмото се посочуваат и сериозни обвинувања на адреса на актуелниот директор Арсим Идризи, за кого велат дека институцијата ја користел за јавни набавки на сокови, за фотографирања и за вработувања на партиски кадри, додека редовните вработени останувале без примања и статус.

„Ова не е молба. Ова е аларм,“ порачуваат тие.

Вработените најавуваат дека својата борба ќе ја продолжат гласно и јавно – преку медиуми, портали и протести, особено во периодот пред избори.

„Ќе бидеме таму – со гласот што нема да го угасите, со вистината што нема да ја закопате. Со решеност каква што досега не сте виделе,“ заклучуваат вработените во Инспекторатот за употреба на јазиците.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни