Џефри Епстајн, милијардер и сопственик на инвестициски фонд, обвинет за педофилија и злоставување малолетни лица, изврши самоубиство, јави „Ен-Би-Си“ повикувајќи се на три официјални лица запознати со случајот, а во меѓувреме се открија нови детали од судењето на поранешниот член на њујоршкиот џетсет.
Се наведува дека Епстајн бил најден обесен во Казнено-поправниот центар Метрополитен во Менхетн. Неговото тело било најдено во безживотна состојба вчера утро во 7:30 часот по локално време.
Инаку, во дел од најново достапните документи од судењето, од околу 2. 000 страници се дознава дека тужители го обвинија него и негови соработници за подведување малолетна девојка, во документите позната како Вирџинија Робертс Гуфри, на полови односи со личности од високиот бизнис и политика.
Како што дознава „Ен-Би-Си“, Гуфри, сега на возраст од 36 години, имала полови односи со поранешниот гувернер на сојузната држава Њу Мексико, Бил Ричардсон, и со поранешниот сенатор на Мејн, Џорџ Мичел.
Епстајн и неговата соработничка од Велика Британија, Џизлејн Максвел, ја принудиле Гуфри на сексуални односи и со такви лица како агентот од агенција за модели, Жан Лук Брунел, менаџерот со финансии, Глен Дубин и Марвин Мински, починат професор од Масачусетски институт за технологија (МИТ).
Според документите, списокот на лица е долг и во него фигурираат еден „министер за надворешни работи“ и „добро познат премиер“.
Кортни Вајлд е друга жртва, од долгиот список на тужители, која синоќа имаше обраќање пред судот.
Поранешниот гувернер на Њу Мексико и сенаторот од Мејн веднаш ги демантираа изнесените тврдења.
Инаку, Епстајн беше уапсен од полицијата во Њујорк на почетокот на јули. Обвиненијата за злоставување и продажба на малолетни лица за сексуални услуги ја разбрануваа јавноста во САД, пред се поради врските на милијардерот со високопоставени лица како американските претседатели, поранешниот Бил Клинтон и актуелниот Доналд Трамп, или принцот Ендрју од Британија, син на кралицата Елизабет.
Како принцот, така и Клинтон и Трамп, сите демантираат дека имале блиски познанства со Епстајн и се дружеле со него, иако архивите откриваат фотографии и видео снимки што го потврдуваат спротивното.
Тој се товареше за организација на простититуција кои датираат и 19 години наназад. Од 2000 година наваму милијардерот наводно организирал сеанси со масажи во своите раскошни домови на Менхетн и во Палм Бич, Флорида и наводно имал полови односи со девојчиња на возраст и до 13 години.
Извесно беше дека милијардерот во 2008 година се изјаснил за виновен по обвиненија подведување малолетни лица и организирање проституција. Иако за тежината на делото обвинетиот тогаш требало да биде осуден и на доживотна казна затвор, Епстајн, со помош на високо платени адвокати издејствувал договор со тогашните обвинители, и бил осуден на 13 месеци.
Дополнетото обвинение укажа дека таа одлука била незаконска. Државниот обвинител од Флорида со кој Епстајн тогаш се договорил е Александар Акоста, до неодамна државен секретар за труд во Администрацијата на Трамп, кој поради скандалот и реакции од демократите, во јули даде оставка.