Планинарско-спортскиот клуб „Голак“ од Делчево ги доби патоказите за првата планинарска трансверзала во Брегалничкиот регион Голак – Плачковица. Како што информира претседателот на ПСК „Голак“, Љупчо Чучуковски, со ова се исполнети условите за обележување на трансверзалата која ќе биде долга 60 километри.
– Со поставувањето на патоказите и информативните табли ќе бидат опфатени пет врва на над 1.500 метри надморска висина и повеќе извори на природна вода, неколку манастири и цркви, културно-историски споменици, како и неколку населени места, информираше Чучуковски.
Највисоката точка на оваа трансверзала е на врвот Лисец на 1.754 метри надморска висина, а најниската на река Осојница, на 460 метри надморска висина. Според делчевскиот планинар станува збор за една од најважните трансверзали во Брегалничкиот регион што ќе биде надоврзана со планинарски патеки кои ќе водат кон Осоговските Планини, Малешевските Планини, Влаина, Готен, Огражден, Средна, Обозна и други планини.
Проектот на ПСК „Голак“ Делчево е финансиран од Агенцијата за подршка и промоција на туризмот во Р.С.Македонија и Федерацијата за планинарство на Р.С.Македонија.