Ограничената достапност на отворени податоци, слабата институционална подготвеност и недостигот на современа дигитална инфраструктура претставуваат клучни пречки за развој на вештачка интелигенција (ВИ) во земјава – покажува ревизијата на Државниот завод за ревизија (ДЗР) со тема „Можности за употреба на ВИ во јавниот сектор“.
Порталот за отворени податоци – надвор од функција
Иако Порталот за отворени податоци беше воспоставен во 2018 година, тој не функционира од почетокот на 2025 година, што ја ограничува транспарентноста и иновативниот потенцијал на бизнис-заедницата. Поради ова, земјата не е вклучена во официјалните Open Data Maturity извештаи за 2023 и 2024 година.
На 15 април 2025 година, Министерството за дигитална трансформација номинира претставник за повторно вклучување во европските анализи.
Без стратегија и законска рамка за ВИ
ДЗР утврди дека национална стратегија и посебна законска регулатива за ВИ не се донесени. Иако ВИ е спомната во повеќе стратешки документи, најчесто е дел од пошироки цели без акциски планови и координација.
Од 2018 до 2023 година, Фондот за иновации финансирал 48 проекти со елементи на ВИ во вредност од 6,1 милион евра, но ниту еден не е имплементиран во јавниот сектор.
Недоволна инфраструктура
И покрај 96,99% покриеност со 5G мрежа и пристап до брзи фиксни мрежи во 68% од домаќинствата, земјата нема современи суперкомпјутери, стабилни дата центри и технолошки парк. Планираниот технолошки парк во Скопје сè уште не е изграден.
Неуспешни иницијативи – примерот АДА
Во 2023 година Владата го промовираше дигиталниот асистент АДА, вреден 150 илјади евра, но алатката веќе не е во функција поради непотпишан нов договор со операторот.
Пад на меѓународните рангирања
Македонија падна од 54 на 58 место на Глобалниот индекс на иновации за 2024 година и е 77-ма од 174 држави според индексот за подготвеност за ВИ на ММФ. Во рамките на Југоисточна Европа, според GIRAI, државата е 6-та од 9 земји.
Универзитетите имаат капацитет, но недостасува поврзаност
Најголеми капацитети за ВИ имаат ФИНКИ и ФЕИТ при УКИМ, со над 1.900 трудови поврзани со оваа област. Проектите како TTS-MK, ChatMed и моделот „Буки“ претставуваат значајни чекори, но недостасуваат јавен регистар и заедничка платформа за соработка со јавниот сектор.
Итна потреба од акција
ДЗР заклучува дека потенцијалот на ВИ во здравство, јавна администрација, енергетика, образование и индустрија останува недоволно искористен и препорачува донесување стратегија, развој на инфраструктура и подобрување на човечкиот капитал.