Рускиот државен авион Ил-96-300 со регистрациски број RA-96023 полета од Москва за Анкориџ, Алјаска. Се верува дека во него е делегацијата што утре ќе учествува на преговорите со американскиот претседател Доналд Трамп . Засега нема официјални информации дека Владимир Путин е во рускиот авион .
Авионот се упатува кон воздухопловната база Елмендорф-Ричардсон, местото каде што ќе се одржи средбата меѓу двајцата претседатели, јавува Си-Ен-Ен.
Потврдено е дека руската делегација за преговорите ги вклучува министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, министерот за одбрана Андреј Белошов и шефот на РДИФ Кирил Дмитриев.
Јулиј Ушаков, советникот на рускиот претседател, изјави дека состанокот во Алјаска ќе започне утре во 11:30 часот по локално време, односно во 23:30 часот по македонско време.
Средбата ќе започне со разговор еден на еден меѓу Путин и Трамп со учество на преведувачи. Потоа ќе се одржат преговори во рамките на делегациите, по што ќе следи работен појадок. Според Ушаков, руската делегација ќе полета од Анкориџ „веднаш по завршувањето на преговорите“. Средбата меѓу Русија и САД ќе се одржи „на симболично место во контекст на 80-годишнината од победата“, рече Ушаков.
Според него, во близина на воената база Елмендорф-Ричардсон, каде што ќе се одржат руско-американските преговори, има спомен-гробишта во кои се погребани девет советски пилоти, како и четири лица кои загинале во периодот 1942-1945 година додека користеле американски авиони во рамките на Ленд-Лиз.