Свет

ВИДЕО Бунт во ОН: Група делегати ја напуштија салата штом Нетанјаху почна да зборува

ВИДЕО Бунт во ОН: Група делегати ја напуштија салата штом Нетанјаху почна да зборува

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес ја отвори 80-тата сесија на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк во атмосфера каква што ретко се гледа. Штом застана на говорницата, околу стотина делегати од различни земји станаа и ја напуштија салата во знак на протест против политиката на Израел во Газа.

Иако израелските дипломати и дел од публиката се обидоа да го прикријат тоа со гласен аплауз и станување, празните седишта беа јасно видливи. Претставниците на ОН постојано повикуваа на ред бидејќи во салата се крена врева, а од галеријата можеа да се слушнат извици на протест и свирежи. Американската делегација остана на своите места, додека палестинската мисија претходно ги повика државите да ја напуштат седницата на координиран начин штом Нетанјаху ќе почне да зборува.

Сцените пред зградата на ОН беа подеднакво напнати. Семејствата на израелските заложници се собраа таму, барајќи договор за нивно ослободување, додека противниците на израелската офанзива носеа транспаренти со кои повикуваа на крај на војната.

На почетокот, Нетанјаху рече дека Израел „мора да ја заврши работата против Хамас во Газа“. Потоа директно му се обрати на Хамас. Со подигнат глас, рече: „Спушти го оружјето. Пушти ги моите луѓе. Ослободи ги заложниците. Сите, сите 48. Ако го сторите тоа, ќе преживеете. Ако не го сторите тоа, Израел ќе ве гони“. Тој додаде дека ова е прв пат директно да им се обраќа на заложниците, надевајќи се дека ќе го слушнат преку звучници поставени по должината на границата со Газа. Израелската војска потврди дека распоредила девет системи на звучници како дел од својата кампања за влијание, но жителите во северна Газа и Деир ал-Бала за Ројтерс изјавија дека не слушнале никакви говори, туку само експлозии.

Нетанјаху голем дел од својот говор го посвети на одбрана на воената кампања на Израел и отфрлање на обвинувањата за геноцид. „Обвинението за геноцид е лажно. Се вели дека Израел намерно ги таргетира цивилите. Дами и господа, вистината е спротивна“, рече тој. Тој одговараше на заклучоците на Истражната комисија на ОН која минатата недела објави дека Израел извршил геноцид во Газа, наод што Израел го нарече пристрасен и неоснован. Според здравствените власти во Газа, повеќе од 65.000 луѓе починале во речиси двете години од израелската офанзива, а градот Газа и околните области официјално се прогласени за зона на глад.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни