Премиерот Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на одбележувањето на денот на раѓањето на македонскиот великан Гоце Делчев, од каде порача дека неговиот лик и епска борба остануваат врежани во темелите на македонската државност.
Оддавајќи почит пред споменот на идеологот на македонското револуционерно движење, премиерот истакна дека Делчев оставил нераскинлива трага која е жива и денес. Тој потсети на прерано згаснатиот живот на револуционерот, кој на само 31 година го положил животот за своите идеали.
„Неговата борба за независна македонска држава, држава во срцето на Балканот, би рекол дека е епска. За жал, прерано го загубил својот живот на 31 година. Имал уште многу што да каже доколку преживеал, но го положил својот живот со идеалите за македонската држава“, изјави Мицкоски.
Премиерот нагласи дека чествувањето на Гоце Делчев не е само навраќање кон историјата, туку и лекција за современите генерации и за сите граѓани на Македонија. Според него, делото на Делчев е мотив за градење на посилна и заедничка иднина.
„Денес кога се спомнува неговиот лик и дело, тоа нека ни биде пример како понатаму треба да ја градиме нашата заедничка татковина Македонија“, порача премиерот во своето обраќање.
Мицкоски додаде дека почитта кон Делчев е почит кон патот по кој чекорел македонскиот народ кон својата слобода и државност, нагласувајќи ја важноста од зачувување на тие вредности во денешно време.