Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, денеска информираше дека пред судот се веќе формирани четири предмети поврзани со системот „Безбеден град“ (Safe City).
Тој најави дека поради специфичноста и важноста на овој проект, кој претставува новина во државата, Судот ќе постапува со висок приоритет и брзина.
Иако не сакаше предвреме да ја прејудицира одлуката на Судот, Костадиновски упати јасна порака за општествената оправданост на видео-надзорот. Според него, мерките што ги предвидува овој систем се пропорционални на целта што се сака да се постигне – поголема безбедност и почитување на правилата.
„Овој проект на сите ни покажа дека нашиот менталитет може многу брзо да се смени и да се прилагоди на правила. Не сме безнадежен случај. Ако има вистинска подготвеност за почитување на владеењето на правото, имаме добра перспектива и иднина“, истакна Костадиновски.
Тој додаде дека примерот со „Сејф сити“ често го користи и на меѓународни конференции како аргумент дека граѓаните во Македонија се подготвени за развивање на уставната култура, доколку институциите постават јасни рамки и принципи.