Свет

Поранешен украински министер користел украдени пари за да ги плати школските трошоци на своите деца во Швајцарија

Поранешен украински министер користел украдени пари за да ги плати школските трошоци на своите деца во Швајцарија

Високиот антикорупциски суд на Украина му одреди двомесечен истражен притвор на поранешниот министер за енергетика и правда, Херман Халушченко, во рамки на една од најголемите корупциски афери што ја потресоа земјата за време на мандатот на претседателот Володимир Зеленски.

Судот одреди кауција од рекордни 3,9 милиони евра (200 милиони гривни), сума која Халушченко изјави дека не може да ја плати, најавувајќи жалба.

Обид за бегство и перење пари преку егзотични острови

Халушченко беше приведен пред два дена при обид да ја напушти Украина, само еден ден пред официјалното подигнување на обвинението. Националниот антикорупциски оддел (НАБУ) го товари за перење пари и организиран криминал поврзан со државната нуклеарна компанија „Енергоатом“.

Според истрагата, Халушченко бил дел од криминална група во која како главен организатор се споменува Тимур Миндич, близок соработник на претседателот Зеленски. Шемата функционирала на следниот начин:

  • Офшор мрежа: Формиран е фонд на островот Ангвила и компании на Маршалските Острови за прикривање на трагите.
  • Швајцарски сметки: Над 112 милиони долари биле пренасочени преку поранешниот адвокат на министерот, а дел од парите завршиле на сметките на неговата поранешна сопруга и четирите деца во Швајцарија.
  • Луксузен живот: Истражувачките новинари открија дека 18-годишниот син на Халушченко посетува елитен колеџ во Швајцарија каде годишната школарина изнесува 170.000 евра.

„Професорот“ и „Сигисмунд“: Аудио снимки како доказ

Инспекторите поседуваат аудио записи на кои Халушченко, под прекарите „Професор“ и „Сигисмунд“, разговара за поделба на провизии. Халушченко на судот ги отфрли обвинувањата, тврдејќи дека школувањето на неговиот син го плаќал „богат кум“ чие име не сакаше да го открие.

Политичка одмазда и „хорор клетки“ за истражителите

Случајот добива и темна димензија на пресметка со антикорупциските органи. Обвинителството тврди дека Халушченко, додека бил министер за правда, лично одобрил детектив на НАБУ, кој ја водел истрагата против неговите сојузници, да биде сместен во „ужасна затворска ќелија со непријатни цимери“.

Најголемо престројување од почетокот на војната

Овој случај предизвика огромни политички промени во Киев. Покрај Халушченко, под истрага се и други високи функционери:

  • Андриј Јермак (шеф на кабинетот на претседателот)
  • Рустем Умеров (секретар на Советот за безбедност)
  • Свитлана Хринчук (поранешна министерка за енергетика)

Иако Украина е во војна, притисокот од меѓународните партнери и внатрешните институции за справување со корупцијата станува сè посилен, а случајот „Енергоатом“ се смета за клучен тест за владеењето на правото во земјата.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни