Македонија

ССМ излегува на протест на 14 март: Се бара минимална плата од 600 евра!

ССМ излегува на протест на 14 март: Се бара минимална плата од 600 евра!

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) најави нов протест на 14 март, со кој ќе го продолжи притисокот врз институциите за зголемување на платите и подобрување на животниот стандард на работниците.

Од ССМ повторуваат дека остануваат на барањето минималната плата да достигне 600 евра, а сите останати плати да се зголемат за најмалку 100 евра. Според синдикатот, законското усогласување на минималната плата што се спроведува секоја година не е доволно за да одговори на реалните трошоци за живот на граѓаните.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деановски, во изјава за ТВ 24 истакна дека минималните примања во јавниот сектор се повисоки во споредба со приватниот, што, како што рече, се одразило и на големата излезност на вработените од јавниот сектор на претходниот протест. Тој очекува слична поддршка и на најавениот протест на 14 март.

Незадоволството кај синдикатите се засили откако на седница на Економско-социјалниот совет било соопштено дека минималната плата ќе се зголеми за околу 1.600 денари согласно редовното мартовско усогласување. По оваа информација, претставниците на ССМ ја напуштија седницата, оценувајќи дека ваквото зголемување не ги задоволува барањата на работниците.

Ова е продолжение на синдикалните активности што се одвиваат од почетокот на годината. ССМ веќе организираше протест и блокади во Скопје, при што најави дека притисокот ќе продолжи сè додека, како што велат, не се обезбеди достоинствена плата за работниците.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни