Македонија

Од 30.000 до 115.000 денари за три и пол години – брзите кредити ги заглавуваат граѓаните во долгови

Од 30.000 до 115.000 денари за три и пол години – брзите кредити ги заглавуваат граѓаните во долгови

Кредит од 30.000 денари за само три и пол години прераснал во долг од 115.000 денари. Ова е еден од случаите за кои граѓаните побарале заштита од Народниот правобранител, до чија канцеларија од почетокот на годинава пристигнале десетина претставки за работењето на финансиските друштва што одобруваат брзи кредити.

Високите трошоци и дополнителните надоместоци за кредитите сè повеќе го отвораат прашањето за заштита на корисниците, кои неретко се соочуваат со долгови неколкупати поголеми од првично позајмената сума.

Министерството за финансии подготвува нов закон за финансиските друштва, со кој се предвидува построга регулација на секторот, ограничување на трошоците за кредитирање и поголема заштита на граѓаните.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска најави нови санкции до крајот на годинава, вклучително и одземање дозволи за работа. Во последните три месеци, по спроведени вонредни контроли, две финансиски друштва добиле парични казни и привремена забрана за одобрување кредити во траење од 30 дена.

Размерите на неправилностите ги покажуваат и контролите на Државниот пазарен инспекторат. Пропусти во работењето биле констатирани кај 18 од вкупно 27 лиценцирани финансиски друштва, при што биле изречени казни од над 3,5 милиони денари.

Повеќе од 26.000 граѓани треба да добијат поврат на незаконски наплатени средства во вкупна вредност од над 140 милиони денари.

Од Министерството за финансии ги повикуваат сите граѓани кои сметаат дека се оштетени да пријават неправилности преку архивата на Министерството, по пошта или на електронската адреса prijavafd@finance.gov.mk.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што може да руча студент со 140 денари? | „Ноќно студио“ со Бленди Ходаи

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни