На уште три компании што произведуваат медицински канабис ќе им бидат одземени лиценците, со што вкупниот број на одземени дозволи ќе достигне девет, изјави министерот за здравство Азир Алиу.
Тој информираше дека досега се процесирани 23 компании, а кај три од нив е утврдено дека сигурно ќе останат без лиценца, додека работата на уште една компанија е во фаза на дополнителна анализа.
„Досега 23 компании се процесирани, а за три е сигурно дека ќе им бидат одземени лиценците. Четвртата се анализира“, изјави Алиу одговарајќи на новинарско прашање за текот на инспекциите во компаниите што одгледуваат медицински канабис.
Претходно, на 24 февруари, Влада на Северна Македонија донесе одлука за одземање на лиценците за одгледување марихуана за медицински цели на шест компании, откако комисија формирана од Министерство за здравство на Северна Македонија утврдила повеќе неправилности во нивното работење.
Станува збор за компаниите „Алфафарм“, „Гринлајф“, „ЦБД Медплант“, „Лајфплант“, „Атафарм“ и „Канабидоис“, кај кои биле констатирани административни, инфраструктурни и технолошки недостатоци, како и недостиг од соодветен кадар.
Една од компаниите, „Алфафарм“, се споменува и во истрагата на српското обвинителство за организиран криминал поврзана со откриените пет тони марихуана во околината на Крушевац, во која како осомничен се појавува и еден од нејзините косопственици.
Министерството најави дека засилените вонредни контроли ќе продолжат кај сите правни субјекти што поседуваат лиценца за одгледување медицински канабис, при што ќе бидат опфатени вкупно 43 компании.
Проверките беа иницирани по заплените на околу 40 тони марихуана во земјава, како и по случајот во Србија, кога тамошните власти соопштија дека запленетиот канабис потекнува од Северна Македонија.
Во меѓувреме, Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција отвори истрага против шест лица осомничени за вмешаност во шверц на марихуана од земјава кон Србија.