Трагедијата во која мајка и дете го загубија животот по падот од зграда, отвори сериозни прашања за тоа како институциите дозволиле жртва на семејно насилство да се чувствува целосно незаштитена. Адвокатката Марта Гусар во својата последна анализа во „Ноќно студио“ на 4ТВ посочува на „целосно непостапување“ на сите присутни служби на теренот.
Гусар открива дека и покрај присуството на полицијата и лекарите, клучниот „интервентен тим“ никогаш не бил активиран.
Според законот, болницата морала да повика интервентен тим, но тоа не било направено, а иако на лице место биле присутни две инспекторки од МВР, ниту тие не го известиле Центарот за социјални работи, ниту пак го повикале надлежниот јавен обвинител.
И покрај критичната ситуација, никој не сметал за потребно да извести обвинител дека нешто сериозно се случува.
Адвокатката потсетува на фактот дека насилникот не бил „непознат“ за државата. Напротив, дури и министерот потврдил дека лицето било добро познато на службите со бројни претходни пријави.
„Ако тоа лице е познато на МВР по толку пријави, како е можно инспекторките кои биле таму да не повикаат интервентен тим? Имаме ситуација каде сите присутни се дел од механизмот за заштита, а никој не мрднал со прст за да ја спречи трагедијата“, децидна е Гусар.
Гусар се осврна и на хаосот со информациите, каде институциите првично тврделе едно, па подоцна демантирале. Центарот за социјални работи демантирал присуство, додека болницата не презела никакви законски дејствија за заштита на жртвата.
Трагедијата со Ивана и Каја е само најсуров доказ дека „системот“ повторно дозволил насилник со дебело досие да остане закана, додека жртвата била оставена сама на себе во моментите на најголем ризик.