Македонија

Обвинителството (не) знае каде е Камчев? Јоанидис: И Камчев треба да одговара за мито

За републичкиот обвинител Јовески, новинарското прашање каде е Камчев е ирелевантно.

„Тие сознанија не се релевантни. И оставете ги таквите прашања да не и наштетиме на постапката за успешно водење на истрагата“, изјави Јовески.

Но, според адвокатот Јован Јоанидис Орце Камчев треба да одговара за давање мито во случајот „Рекет“. За да биде сведок Камчев според него треба да  го исполнува условот да ги обележи парите или да ја информира полицијата, па таа да го стори тоа. Според адвокатот очигледно е дека  известил откако ги дал парите во февруари, а истрагата се води сега и должен е да каже зошто ги дал парите,  за кои не се знае ниту каде се.

-Камчев се јавува како оштетена странка како сведок, значи мора да биде присутен. Мислам дека Обвинителството за организиран криминал кое ја води истрагата против Боки 13, Кичеец и Катица Јанева мора да знае каде е“, вели Јоанидис.

Во членот 358 од К3 став 5 пишува:

„Ако давањето награда за противзаконско влијание е сторено по барање на лицето кое треба противзаконито да посредува (во случајов Бојан Јовановски), а сторителот (Орце Камчев) го пријавил пред да биде откриено или пред да дознае дека е откриено, може да се ослободи од казна. Ставот 6 од овој член вели: „Наградата, подарокот или другата корист ќе се одземат“.

Ова ќе значи дека на Камчев ќе му биде вратен поткупот што го дал. Обвинителството црпи можност од членот 44 од ЗКП за „Непреземање на кривично гонење“ и го ослободува Камчев за случајот „Рекет“. „Јавниот обвинител не е должен да преземе кривично гонење, односно може да се откаже од гонењето, ако во Кривичниот законик е утврдено дека судот може сторителот на кривично дело да го ослободи од казна и ако јавниот обвинител со оглед на конкретните околности на случајот ќе оцени дека самата пресуда без кривична санкција не е потребна“, вели ставот 1 од овој член.

На прашањето дали ќе влијае „Рекет“ на „Империја“, Јоанидис, вели дека  како добар сведок во „Рекет“, Камчев ќе помине најверојатно со поблага санкција во „Империја“. Тој е и во најповолна положба како ошететен во случајот „Рекет“.

РЕПОРТЕР: АЛЕКСАНДРА ВЕЛИНОВА

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни