Властите на Сардинија преку посебни програми нудат финансиска поддршка за преселување во помали и помирни села на островот, со цел да се оживеат руралните подрачја кои со години се соочуваат со намалување на бројот на жители.
Преселувањето на Сардинија за многумина се претставува како можност за живот во пријатна средина, покрај море и со блага клима, а на социјалните мрежи оваа опција често се опишува како многу привлечна, пишува „Мирор“.
Кој може да добие поддршка?
Програмата е наменета за сите кои се подготвени да пријават живеалиште во град на Сардинија со помалку од 3.000 жители. Локалните власти нудат неповратна финансиска поддршка до 15.000 евра по домаќинство за купување или реновирање на недвижност. Сепак, износот не може да надмине 50 проценти од вкупната вредност на инвестицијата.
Апликантите мора да се обврзат дека ќе се вселат во рок од 18 месеци од купувањето на недвижноста или завршувањето на реновирањето, со цел да се обезбеди трајно населување, а не само привремен престој.
Дополнителни надоместоци за семејства
Покрај основната поддршка за преселување, предвидени се и дополнителни стимулации за оние кои планираат долгорочно да живеат на островот и да основаат семејство. Така, паровите можат да добиваат околу 600 евра месечно за прво дете и 400 евра за второ дете, сè додека децата не наполнат пет години.
Регионалните власти велат дека ова е дел од поширока стратегија насочена кон обновување на заедниците погодени од иселување и зајакнување на локалната економија. Целта е да се поттикнат луѓето да останат или да се преселат во помалите средини, со што тие повторно би станале атрактивни за живот и развој на семејства.
За реализација на програмата е обезбеден буџет од 45 милиони евра, што покажува дека властите ја гледаат оваа мерка како долгорочен обид за намалување на иселувањето од руралните области.
Постојат и ограничувања
Сепак, поддршката се однесува само на недвижности во мали општини, а лицата кои веќе живеат во слични места на Сардинија немаат право да аплицираат.
И покрај тоа, финансиската помош, побавниот начин на живот и пријатната клима го прават овој програм многу привлечен за многу луѓе, па предизвика голем интерес на интернет.