Магазин

Зошто ф’стаците станаа глобален тренд?

Зошто ф’стаците станаа глобален тренд?

На социјалните мрежи се насекаде, во продавниците се насекаде. Во својата оригинална форма или инспирирани од нив, производите со ф’стаци веќе извесно време се сериозен тренд.

Во декември 2023 година, една корисничка на TikTok сподели видео во кое јаде чоколадо купено во Дубаи. Тоа било полнето со впечатлив зелен крем од ф’стаци и ситно тесто. Видеото брзо стана популарно и собра милиони прегледи.

Наречени „дубаи чоколада“, овие чоколади станаа „хит“ грицка во 2025 година, со стотици илјади објави на социјалните мрежи. Денес, покрај бројните брендови на чоколади инспирирани од Дубаи, се појавија и кремови, пасти, крофни и сладоледи со ф’стаци.

Емили Волфман, раководителка за иновации на трендови во супермаркетот Waitrose, изјави дека забележале огромен пораст на потрошувачите кои бараат производи со ф’стаци откако трендот започнал на социјалните мрежи.

Пребарувањата за „ф’стаци“ на Waitrose.com се зголемиле за дури 788% во пролетта 2025 година во споредба со истиот период претходната година.

„Ф’стаците нудат чувство на луксуз. Тоа е разновидна состојка која може да се користи во широк спектар на јадења – од богати чоколади до солени печива, па дури и сосови, што ја поттикнува нивната популарност“, изјави таа за BBC.

Џејмс Кондер, одговорен за грицки и јаткасти плодови во Ocado, се согласи, додавајќи дека пребарувањата „вртоглаво пораснале“, за 203% во однос на претходната година.

„Подеталната анализа покажува дека најголем пораст во продажбата кај јаткастите плодови има кај оние без лушпа (+129%), кои се идеални за готвење и печење. Продажбата на слаткарски производи со ф’стаци пораснала за 93% во последната година, а пребарувањата за ‘путер од ф’стаци’ (+82%), ‘крема од ф’стаци’ (+679%), ‘паста од ф’стаци’ (+99%) и ‘намаз од ф’стаци’ (+596%) значително се зголемиле“, рече тој.

Зошто производите од ф’стаци се скапи?

Ф’стаците не се најевтините јаткасти плодови – делумно затоа што нивното производство често е скапо.

Овој трошок се пренесува и врз производите од ф’стаци. Сепак, постојат начини да се заштеди. Купувањето на големо обично е поевтино по килограм, а маркетите од Блискиот Исток или Јужна Азија често нудат подобри цени, бидејќи ф’стаците се многу користени во тие кујни.

Санџана Модха, авторка на рецепти, ги користи за подготовка на крем од ф’стаци, но има неколку трикови за намалување на трошоците.

„Во многу случаи, можете да ја зголемите количината со поевтини јаткасти плодови како бадеми или индиски ореви. Често користам комбинација од бадеми и ф’стаци – резултатот е одличен. Важно е да се користат јатки со благ вкус, бидејќи ф’стаците се нежни. Кикирики, пекан ореви и лешници имаат посилен вкус“, објасни таа.

Како да се користат ф’стаци во готвењето?

Модха е голем љубител на додавање ф’стаци во слатки десерти.

Но, тие не се само за десерти – одлично одат и со солени јадења. „Ги додавам во биријани, кус-кус и салати за крцкавост. Особено добро се комбинираат со калинка, урми, домати и бели сирења како фета, моцарела, халуми и панир. Ф’стаците се одлична основа и за песто, салса и свежи индиски чатни“, истакна таа.

Авторката на рецепти Филипа Дејвис исто така има практични совети.

„Како и повеќето јаткасти плодови, треба внимателно да се чуваат. Најдобро е во ладни, темни и херметички затворени садови, а уште подобро во фрижидер или замрзнувач ако се чуваат подолго време. Пред да ги додадете во јадење, лесно препечете ги за да се засили вкусот, а потоа исечкајте ги“, советува таа.

Дали ф’стаците се здрави?

Иако чоколадо со ф’стаци не е најздравата ужинка, самите ф’стаци имаат бројни здравствени придобивки.

Диететичарката Бини Суреш вели дека тие се одличен извор на протеини (околу 6 г на 30 г), влакна (околу 3 г на 30 г) и незаситени масти.

„Овие хранливи материи се важни за здравјето на срцето. Ф’стаците се богати и со антиоксиданси како витамин Е, полифеноли и каротеноиди, кои штитат од оксидативен стрес и го поддржуваат здравјето на очите“, објасни таа.

Некои истражувања покажуваат дека ф’стаците можат да го намалат LDL холестеролот, да го подобрат липидниот профил и да го намалат крвниот притисок.

Сепак, солените ф’стаци често содржат многу натриум, што може да ги намали нивните здравствени придобивки.

Затоа, за да извлечете максимум од нив, се препорачува да изберете несолени ф’стаци.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни