Македонија

Белчева: Стојанче пред мене ја удираше Ивана по лицето и телото додека детето беше присутно – сфати дека викнав полиција и си замина со Катја!

Белчева: Стојанче пред мене ја удираше Ивана по лицето и телото додека детето беше присутно – сфати дека викнав полиција и си замина со Катја!

Сведочењата во судскиот процес против Стојанче Јовановски продолжуваат да откриваат вознемирувачки детали за наводно насилство пред трагичните настани што ја потресоа јавноста. Денеска, во Кривичниот суд, сведокот Ивана Белчева опиша инцидент што се случил на 19 декември 2025 година во парк во скопската населба Ѓорче Петров, каде, според неа, обвинетиот физички ја нападнал Ивана пред очите на малолетната Катја.

Белчева сведочеше дека била очевидец на настанот, при што Стојанче Јовановски ја удирал Ивана со шлаканици по лицето и телото, додека детето било присутно и видно вознемирено. Таа истакна дека веднаш реагирала и повикала полиција, обидувајќи се и вербално да го спречи насилството.

„Ме гледаше заледено, не ми одговори ништо на тоа што му го зборував. Сфати дека викнав полиција и си замина со Катја – рече Белчева.“

По инцидентот, Ивана останала во паркот, но, според сведочењето, не прифатила да го пријави случајот, и покрај инсистирањето на Белчева.

„Ивана не беше заинтересирана за тоа што ѝ го кажував бидејќи повеќе сакаше да разговара со жената што беше присутна тука и се тргнаа на страна да разговараат. Ја почекав полицијата, ја замолив Ивана да го пријави Стојанче, но Ивана замина со жената заедно. Дадов изјава на полицијата. Сакав само да се заштити детето – рече Белчева.“

Особено потресен дел од сведочењето беше описот на состојбата на малолетната Катја, која, како што рече сведокот, била во силен шок и страв.

„Сакаше некој да ѝ обрне внимание. Кога ја земав Катја, нормално е ако на едно дете му пријде „странец“ и го земе во прегратка, детето да го одбие. Но, Катја се припи до мене и не сакаше да ме пушти зашто јас ја смирував – рече Белчева.“

Во својот исказ, Белчева го опиша однесувањето на обвинетиот како агресивно и напнато, посочувајќи дека неговата реакција била видливо заканувачка.

„Му ја ставив раката на рамо додека му зборував, ме погледна заледено да ја тргнам раката бидејќи влегов во неговиот физички простор. Јас се тргнав, не сакав да бидам дел од нивната кавга. Според она што можевме да го слушнеме од навредите што си ги разменуваа Стојанче и Ивана сфативме дека се работи за љубовен тријаголник, дека третата жена е љубовница на Стојанче – сведочеше Белчева.“

Сведочењето на Белчева е дел од доказната постапка во случајот, кој ја следи јавноста поради сериозноста на наводите и трагичниот исход.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни