На денешната промоција на новите електронски услуги за студентите на порталот uslugi.gov.mk, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, најави потпишување договор за меѓусебно признавање на електронските потписи меѓу Македонија и Црна Гора.
„Имавме два дена квалитетни разговори со претседателот на Црна Гора. Нешто што веќе го подготвуваме е потпишувањето на договорот за меѓусебно прифаќање на електронските потписи, што ќе го најавам и на Самитот за сајбер-безбедност во Париз“, изјави Андоновски.
Договорот ќе овозможи секој електронски потпис издаден во Македонија да биде целосно валиден во Црна Гора и обратно. Министерот нагласи дека ова ќе ги олесни бизнис-врските и ќе придонесе за подобрување на економската соработка меѓу двете земји.
Во рамки на денешната промоција, Андоновски истакна дека новите услуги за високото образование значително ја забрзуваат администрацијата за студентите. Со новиот систем, обрасците се автоматски „предпополнети“ со податоците од постоечките бази, со што времето за пополнување е скратено од десет на само една до две минути.