„Моите колеги имаат целосно овластување да ги застапуваат предметите пред суд, се надевам дека ќе имаме повеќе разрешници оваа есен“, изјави Јанева.
Вака специјалната обвинителка Катица Јанева, еден ден пред да и биде одредена мерката притвор, влеваше надеж за предистрагите и истрагите кои ги води СЈО. Но, неизвесно дали ќе има таков епилог.
Два месеци пред истрагата „Рекет“, специјалната обвинителка рече дека никој не може да ја смени бидејќи така вели законот.
„Мене не може да ме сменат, затоа што во законот нема персонални решенија. Се знае што се пишува во закон, ако сме писмени во Македонија за да сфатиме дека тоа не се пишува во закон“, рече Јанева.
Специјалното обвинителство во моментов на своите полици има уште 19 истраги за кои нема поднесено обвинение.
Со последниот предлог од премиерот Зоран Заев, СЈО треба да стане одделение во Обвинителството за организиран криминал. Нема никакви гаранции дека ова ќе се усвои, бидејќи за такви законски измени е потребно двотретинско мнозинство. Партијата што треба да го обезбеди, ВМРО-ДПМНЕ, има сосема поинакви ставови и интереси.
Доколку се случи СЈО да не продолжи со работа, ВМРО-ДПМНЕ нема да биде обвинета, имотот нема да ѝ биде замрзнат по обвинението за „Талир“ кое се поднесе по предвидениот рок и нема да се соочи со нов бран обвиненија од 19-те истраги на кои сѐ уште се работи во обвинителството сместено на „Рузвелтова“.
Од сите нови случаи, најмногу внимание привлекува „Империја“, каде што се осомничени Сашо Мијалков, Орце Камчев и повеќемина нивни бизнис-партнери, вкупно 13 лица. Тие се сомничат за повеќе кривични дела, меѓу кои перење пари и злосторничко здружување.
Но, судбината на сите истраги отворени од 30 јуни 2017 наваму, и на обвиненијата поднесени по тој датум, ќе зависи од тоа како ќе се применува начелното правно мислење издадено од Врховниот суд, според кое, СЈО не може да биде застапник на обвиненија по овој датум. Најекстремните предвидувања одат до таму дека би можел да пропадне целиот случај „Империја“, но и другите предмети како „Поштенска банка“, „Подарок“, „Базни станици“, „Дизајн“ и други.
Сегашната состојба на СЈО, кое освен со неизвесност околу статусот се соочува и со сомнежи во јавноста за вмешаност на неговата шефица во незаконски дејства, им овозможува на неговите противници да ја засилат борбата за неговото слабеење, дури и целосно распуштање.
По скандалот со рекетирање и по оставката на Катица Јанева се бараат начини како Специјалното јавно обвинителство да продолжи да работи, но на кои случаи? Засега никој не го оспорува правото обвинителите на СЈО да продолжат да одат на суд и да ги застапуваат обвиненијата што ги поднесоа.
РЕПОРТЕР: ЈОВИЦА ПАУНОСКИ