Жителите на скопската општина Аеродром се во страв по појавата на змија во непосредна близина на станбени објекти и простори каде што секојдневно си играат деца.
На социјалните мрежи и до нашата редакција 4NEWS.MK пристигна апел од загрижени граѓани кои бараат итна интервенција од општинските служби.
Според информациите од теренот, влекачот е забележан на улицата „Владимир Комаров“. Она што најмногу ги загрижува жителите е близината на детското игралиште, каде во попладневните часови фреквенцијата на луѓе и мали деца е најголема.
„Ги молам надлежните од општината да излезат на терен и да реагираат. Змијата се наоѓа пред зградата на број 27, изгледа како да е отровна, а во близина има детско игралиште. Стравот кај сите нас е огромен“, вели жителка на оваа населба во својот јавен апел.
Граѓаните бараат од Општина Аеродром и од претпријатијата задолжени за одржување на јавната хигиена и зеленилото да испратат екипи кои ќе го исчистат теренот и ќе дејствуваат превентивно. Со затоплувањето на времето, појавата на влекачи во урбаните средини станува се почеста, но нивната присутност во места наменети за деца бара итен одговор.
Експертите советуваат граѓаните да не се обидуваат сами да ја заловат или убијат змијата, бидејќи тоа може да предизвика агресивно однесување кај животното.