Македонија

Мицкоски: Да ја чуваме и да ја градиме државата, да не дозволиме никој да ја понижува – нека биде вечна Македонија!

Мицкоски: Да ја чуваме и да ја градиме државата, да не дозволиме никој да ја понижува – нека биде вечна Македонија!

Во селото Разловци, Општина Делчево, денеска беше одбележана 150-годишнината од Разловечкото востание, настан посветен на историската борба и споменот на востаниците. На одбележувањето се обрати премиерот Христијан Мицкоски, кој упати пораки за единство, државност и почит кон жртвата на хероите.

„Да ја чуваме и да ја градиме државата. Да не дозволиме никој да ја понижува. Нека биде вечен споменот на хероите од Разловечкото востание. Нивната жртва нека биде наш завет. Нека биде вечна Македонија, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето по повод 150 – годишнината од кревањето на Разловечкото востание во село Разловци, Општина Делчево. Во говорот тој повика на обединување околу државните и националните интереси, затоа што, како што кажа, ниту една политичка разлика не смее да биде поголема од татковината и ниту една лична амбиција не смее да биде поважна од иднината на нашите деца“, рече Мицкоски.

Тој нагласи дека востанието претставува темел на народната борба за слобода и будење на свеста.

„Денес сме овде, во Разловци, на оваа света земја, за да одбележиме 150 години од Разловечкото востание. Стоиме исправени пред историјата, пред жртвата и пред споменот на луѓето кои во едно тешко и мрачно време ја избрале најтешката, но и најсветата патека – патеката на слободата“, рече Мицкоски.

Разловечкото востание, потенцира тој, не беше само оружен отпор туку будење на народната свест.

„Тоа беше првиот силен крик на народот дека сака да живее свој на своето, достоинствено, слободно и исправено. Во овие села, по овие ридови и планини, се роди мислата дека татковината не е само земја, туку идеал за кој вреди да се страда, да се жртвува и да се живее“, нагласи премиерот.

Мицкоски додаде дека историјата треба да се чита како жива лекција и обврска за иднината.

„И токму затоа Разловечкото востание денес не е само историски настан. Тоа е темел. Тоа е првата искра која подоцна ќе прерасне во големиот пламен на револуционерната борба, во Илинден, во Крушевската Република, во сите жртви и сите генерации кои ја носеле татковината во срцето“, рече Мицкоски.

Тој предупреди дека државата мора да се чува преку единство и одговорност.

„И кога денес се поклонуваме пред хероите од Разловци, мора да разбереме дека нивната борба не била само за тогашното време. Таа борба трае и денес, само во поинаква форма. Денес татковината не ја браниме со пушка во рака. Денес ја браниме со мудрост, со работа, со економски развој, со силни институции, со образование, со национално единство и со достоинствено водење на државата. Но, суштината останува иста – дали ќе имаме доволно храброст да останеме свои и да не дозволиме никој да одлучува наместо нас“, рече премиерот.

Во своето обраќање, Мицкоски истакна дека државата не смее да биде предмет на поделби и отстапки.

„Затоа денес, од Разловци, потенцираше тој, мора гласно да кажеме дека оваа држава не смее да биде држава на понижувања, отстапки и распродажби. – Овој народ премногу страдал за да дозволи некој лесно да тргува со неговата чест, идентитет и историја“, истакна Мицкоски.

Тој посочи и на важноста од поука од минатото и одговорно управување со државата.

„Оваа земја најмногу страдала тогаш кога одвнатре имало луѓе подготвени за личен интерес да ја наведнат државата“, додаде премиерот.

На настанот се обрати и министерот за култура Зоран Љутков, кој истакна дека јунаците од Разловци ја победиле тишината, а градоначалникот на Делчево Иван Гоцевски најави иницијативи за заштита на Разловци како историска целина.

Свеченоста заврши со положување свежо цвеќе пред Спомен-домот на Разловечкото востание од страна на повеќе делегации.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни