Во период кога цените на енергенсите се едно од клучните прашања за домаќинствата, Регулаторната комисија за енергетика најавува можни измени во моделот на тарифирање на електричната енергија, со кои би се зголемил периодот на евтина струја во текот на денот.
Претседателот на РКЕ, Ацо Ристов, информира дека во тек е детална анализа на постојниот систем на блок тарифи, со цел да се утврди дали и на кој начин тој може да се унапреди.
Според него, сегашниот модел бил воведен како привремена мерка за време на енергетската криза, но условите на пазарот во меѓувреме се промениле. Затоа, институцијата разгледува нови решенија што би овозможиле подобро искористување на електричната енергија од обновливи извори, особено од фотоволтаични централи.
Ристов посочува дека во одредени делови од денот се создава вишок на производство на соларна енергија, па идејата е тој капацитет да се насочи кон домаќинствата по поповолни услови.
Како една од опциите што се анализираат е можноста дневната евтина тарифа да се прошири од сегашните два на околу пет часа дневно, што би можело да донесе намалување на месечните сметки за струја.
Ноќната евтина тарифа, како што нагласува Ристов, ќе остане во примена, но можно е да има промени во временските интервали. Конечните одлуки ќе бидат донесени по завршување на анализите на РКЕ.