Државниот возен парк за пречек на странски високи гости е доведен до толку мизерно и девастирано ниво, што државата е принудена да прави вистински логистички акробации при секоја официјална посета. Ова шокантно признание во емисијата „Ноќно студио“ на „4ТВ“ го изнесе директорот на СОЗР, Ивица Томовски, кој откри каде службата наоѓа возила кога во Скопје доаѓаат премиери како Андреј Пленковиќ или Виктор Орбан.
На прашањето што прави службата кога во земјава се најавени големи настани како министерски совети или премиерски посети, со оглед на тоа што СОЗР нема доволно автомобили, Томовски излезе со фрапантни детали за тоа како се крпи државниот протокол:
„Прво, ги бараме и ги повлекуваме возилата што им следуваат на бившите претседатели на државата! Откако ќе ги земеме нив, гледаме кој од актуелните министри не учествува на тој самит, настан или ивент, па ги повлекуваме и нивните возила за да ја услужиме странската делегација“, признава Томовски.
Државен срам: Крпење протокол со рента-кар комбиња
Дека ситуацијата е повеќе од алармантна, потврдува и фактот што покрај „одземањето“ на возилата од поранешните шефови на државата и од министрите, СОЗР мора дополнително да троши пари на приватни компании за да обезбеди транспорт.
„Покрај сето ова што го собираме, принудени сме да распишуваме и јавен тендер за рента-кар, пред сè за минибуси и за комбиња. Пак ќе кажам, можам слободно да изјавам дека имаме никаков возен парк! Срамно е за една држава да не може да услужи една странска делегација, па да мора да ги повлекува возилата од луѓето кои што ги спомнав“, дециден е првиот човек на СОЗР.
Ваквата пракса на „позајмување“ автомобили од екс-претседателите, според Томовски, е главната причина зошто СОЗР веќе итно покрена процедура за пазарно истражување за набавка на сопствени ВИП комбиња, со цел да се прекине овој повеќегодишен институционален срам за државата.