Реконструкцијата на објектот на поранешна Комерцијална банка, која се развлече речиси две години поради лошо затекнати проекти, влегува во својата финална фаза. Крајниот рок за завршување на сите градежни активности е 20 јуни, по што државата ќе започне да наплаќа пенали и да активира банкарски гаранции. Ова го соопшти директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, најавувајќи истовремено и радикален план за прераспределба на просторот со цел да се прекине плаќањето на скапи кирии.
Томовски признава дека е необично долго две години да се реновира еден објект, но посочува дека неговиот тим врши секојдневен притисок на терен со цел работите конечно да завршат.
„Смешно е да кажеш дека работиш и реновираш еден објект две години, но за жал, таква е реалноста со проектите што ги затекнавме. Минимум двапати неделно одржуваме состаноци со проектанти, ревиденти, изведувачи и ние како инвеститори. Самиот објект се состои од три дела: Новиот дел, ‘Бисер’ и Стариот дел. Новиот дел и ‘Бисер’ се комплетно готови, а во стариот дел моментално се поставуваат машинските и електро-инсталациите, подовите и се менуваат вратите“, објаснува Томовски.
Според изведувачот и надзорот, со засиленото темпо и дополнителните работни часови, рокот до 20 јуни е целосно остварлив.
Државен ресет: Одземање на сопственоста и сечење на привилегиите
Веднаш по завршувањето на објектот, на следната владина седница ќе биде донесена одлука со која на сите досегашни институции ќе им биде одземено правото на сопственост врз просторот во оваа зграда, по што СОЗР ќе направи комплетно нова распределба за да заштеди буџетски пари.
Наместо да се вратат само трите претходни институции, Владата планира таму да смести широк спектар на државни органи кои во моментов плаќаат енормни суми за закуп на приватни објекти. Меѓу нив се:
- МИА (Медиумска информативна агенција) – која ќе добие целосно нови и модернизирани простории;
- Министерство за европски прашања;
- Државен инспекторат за животна средина (кој моментално е привремено сместен во Државниот завод за ревизија);
- Лотарија на Македонија;
- Второстепена комисија за жалби од работен однос;
- Национална агенција и Агенција за иселеништво.
Крај за шефовите: Повеќе нема да има еден вработен во 50 квадрати
Првиот човек на СОЗР најави дека при прераспределбата на канцелариите строго ќе се применуваат европските стандарди за оптимална искористеност на просторот, со што ќе се стави крај на нерационалното расфрлање со државен имот.
„Правиме целосна рационализација и фузирање. По сите европски стандарди, за еден вработен се потребни од 4 до 6 метри квадратни. Ние одиме точно по таа формула, пресметуваме и толку простор ѝ доделуваме на секоја институција. Односно, да се прекине со досегашната пракса да имаме ситуација каде во канцеларија од 50 квадрати седи само еден вработен“, дециден е Томовски во „Ноќно студио“.