Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ има друга, скриена цел за која не зборува јавно, а нивните зборови воопшто не соодветствуваат со делата на терен. Ова во емисијата „Ноќно студио“ на „4ТВ“ го изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, која обвини дека партијата на власт свесно ја оддалечува и изолира земјата од интеграцијата во Европската Унија.
Кузеска упати директен повик до премиерот Христијан Мицкоски да престане да одлучува сам во име на сите граѓани за клучните национални прашања.
„Бидејќи Мицкоски не кажува што понатаму, еве, нека распише референдум. Нека излезе, нека се соочи со граѓаните и нека ги праша нив дали се подготвени да ја платат цената. Граѓаните се тие кои треба да го кажат тоа. Без разлика што е премиер, тој не може сам да одлучува за судбината на сите кои живеат во Македонија“, потенцираше Кузеска.
Говорејќи за најавите од власта дека државата е подготвена со децении да чека пред портите на ЕУ, Кузеска даде и личен пример, сугерирајќи дека Мицкоски нема право да зборува во име на сите македонски семејства.
„Ова е многу тешка работа и тежок збор. Премиерот зборува и во мое име, и во ваше име. Еве, јас лично не сум подготвена да ја платам цената за нивните политики. Јас сум мајка на две деца и не сакам ниту јас, ниту моите деца да плаќаат ваква цена. Сега сигурно нивните структури ќе речат дека ‘не сме патриоти’, но реалноста е сосема поинаква“, децидна е Кузеска.
Портпаролката на опозицијата нагласи дека граѓаните веќе се соочиле со вистината и виделе дека ВМРО-ДПМНЕ по доаѓањето на власт погазила буквално сè што ветувала за време на изборната кампања. Таа ги наброја клучните политички противречности:
- Преспанскиот договор: „Беа жестоко против Преспанскиот договор, а сега одеднаш излегуваат и кажуваат дека со тој ист договор биле заштитени македонскиот јазик и идентитет“, посочи Кузеска.
- Договорот со Бугарија: „Ветуваа пред граѓаните дека ќе го поништат Договорот за добрососедство со Бугарија, а гледаме дека воопшто не го прават тоа“.
- Ветувањата за меѓународна помош: Кузеска потсети на партиските тврдења дека ВМРО-ДПМНЕ имала претходни договори со стратешките партнери како САД за издејствување подобар договор со Бугарија, кои на крајот се покажале како целосно нереални.