Кузеска: Телефонските контакти „ало-ало“ меѓу Мицкоски и јавниот обвинител се скандал од европски размери
РРедакција|
СДСМ како опозиција покажува максимална конструктивност уште од самиот почеток на изборот на новиот јавен обвинител, но обидите за нормализирање на директните партиски и телефонски притисоци врз правосудството се недозволиви. Ова во емисијата „Ноќно студио“ на „4ТВ“ го истакна портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Таа изрази згрозување од начинот на кој власта се обидува во јавноста да ги релативизира директните контакти меѓу премиерот Христијан Мицкоски и првиот човек на Обвинителството.
„Запрепастена сум од обидот да се нормализира телефонскиот контакт помеѓу премиер на држава и јавен обвинител. Изговорот дека ‘само ми се јави’, дека ‘само се слушнавме’ или дека ‘само сакал нешто да праша’, воопшто не е аргумент. Без разлика дали тие приватно биле пријатели или не, тоа е целосно неважно. Во една нормална европска земја ова ќе беше скандал од најголеми размери и веднаш ќе беа доведени во прашање функциите и на едниот и на другиот“, изјави Кузеска.
Портпаролката на СДСМ потенцираше дека ваквото однесување претставува директно кршење на интерните правила за работа на извршната власт кои самите си ги пропишале.
Јасни правила: „Во Етичкиот кодекс на Владата не само што не е дозволено премиер да контактира со јавен обвинител, туку експлицитно стои дека член на Владата не смее да контактира со претставници на правосудството и судските органи, па дури ни за обична информација“, децидна е Кузеска.
Изолирање од ЕУ стандардите: Таа додаде дека токму поради ваквите партиски упади „ало-ало“, фокусот на ВМРО-ДПМНЕ очигледно не е градење на европска држава со независен систем.
Кузеска потсети на хронологијата на настаните кои, според СДСМ, покажуваат дека премиерот уште од почетокот се обидувал да ја контролира обвинителската функција.
„Ние на почетокот кажавме дека биографијата на обвинителот е впечатлива, дека нема веднаш да критикуваме и дека ќе ја следиме работата. Притоа, свесно го занемаривме фактот како претходно Мицкоски во емисија елиминираше друга обвинителка, без никаква реакција од Советот на јавни обвинители. Но, уште со самиот избор, видовме како премиерот директно од Собранието диригираше како треба и од каде обвинителот да почне со работа. Ако имаат некакви соодветни докази за предавство и шпионажа за кои секојдневно нè обвинуваат, нека поднесат кривична пријава, наместо да вршат вакви притисоци“, заклучи Богданка Кузеска.