Кузеска: Мицкоски порано мафташе со хартии, а сега „чувствувал“ дека ќе има апсења – СДСМ не се плаши од неговите чувства
РРедакција|
Наместо сериозно водење на државните институции, премиерот Христијан Мицкоски ја сведува правдата на лични предчувства и обиди за заплашување на политичките неистомисленици. Ова во емисијата „Ноќно студио“ на „4ТВ“ го изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, коментирајќи ги последните изјави на премиерот во јавноста.
Кузеска направи паралела помеѓу однесувањето на Мицкоски во минатото и неговите сегашни настапи од позиција на власт.
„Јас верувам дека граѓаните добро паметат. Мицкоски порано држеше некакви хартии во рацете во дебатите, изигруваше судија и од прес-конференции кажуваше кој е виновен. Тогаш мафташе со некакви хартии од Владата, а сега одеднаш дојдовме до тоа да се потпира на некакви свои ‘чувства’. Каква е таа несериозност? Како му личи на еден политичар и премиер на држава да излезе и да каже дека тој ‘чувствува’ оти некој ќе се апси?“, праша портпаролката на СДСМ.
Во однос на најавите и шпекулациите за можни апсења на поранешни функционери, Кузеска порача дека СДСМ има јасен и непроменлив став за владеењето на правото, кој не зависи од секојдневниот партиски притисок на Владата.
„Ако Мицкоски мисли дека некој се плаши од него, се лаже. Ние не се плашиме, затоа што и самите јавно сме го кажале нашиот став – секој кој се огрешил пред законот, без исклучок, ќе си одговара пред надлежните органи“, децидна е Кузеска.
Таа му порача на премиерот „да не си прави сопствени рефлексии преку некакви чувства“ во јавноста, туку да ги остави институциите да работат без политички диктат.
Според портпаролката на опозицијата, ваквата реторика на Мицкоски е само параван за неспособноста на Владата да испорача реални резултати во економијата и реформите.
„Токму тоа е суштината на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Кога не можат и не знаат да работат добро за граѓаните, тие прибегнуваат кон нивните стари методи. Нивното владеење се сведува на заплашување и постојани обиди за ширење страв во општеството. Но, тоа што тие постојано се обидуваат да заплашуваат, воопшто не значи дека некој во оваа држава навистина им се плаши“, заклучи Богданка Кузеска во „Ноќно студио“.