Македонија

Македонец осуден на 15 години затвор за планирање напад на концерт на Тејлор Свифт во Виена

Македонец осуден на 15 години затвор за планирање напад на концерт на Тејлор Свифт во Виена

Во Австрија е изречена пресуда од 15 години затвор за 21-годишен маж од македонско потекло, кој бил вмешан во планирање џихадистички напад на концертот на американската поп-ѕвезда Тејлор Свифт во Виена во август 2024 година, за време на нејзината турнеја „Ерас“.

Осудениот, кој според австриските закони е именуван како Беран А., бил прогласен за виновен за серија кривични дела поврзани со тероризам. Тој бил уапсен по дојава од ЦИА непосредно пред одржувањето на првиот од трите распродадени концерти на стадионот „Ернст Хапел“ во Виена, по што сите настапи беа откажани.

Случајот предизвика огромно внимание во јавноста, особено затоа што откажувањето на концертите ги разочара речиси 200.000 обожаватели, како и самата пејачка. Тејлор Свифт подоцна изјави дека дознала за планот за напад додека била на пат кон Австрија, опишувајќи го инцидентот како ситуација која можела да заврши со масакр.

Обвинителството тврдеше дека Беран А. бил радикализиран и дека се заколнал на верност на терористичката организација Исламска држава (ИСИС). Според доказите, тој се обидел да набави оружје на црно, вклучувајќи автоматско оружје и рачна граната, но во тоа не успеал.

Судскиот психијатар Питер Хофман изјавил дека кај обвинетиот не се утврдени знаци на ментално заболување и дека „нема психијатриско објаснување“ за неговата радикализација.

За истиот случај беше суден и 21-годишен државјанин на Словачка, Арда К., кој беше осуден на 12 години затвор поради поврзаност со џихадистичка мрежа, иако не бил директно инволвиран во планот за напад на концертот.

Пред изрекувањето на пресудата, Беран А. пред судот изразил жалење за своите постапки.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни