Македонија

Љутков: Начекавме девастирани институции без плати, седум години беа замрзнати сите капитални проекти во културата

Љутков: Начекавме девастирани институции без плати, седум години беа замрзнати сите капитални проекти во културата

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, во гостувањето во „Ноќно студио“ на 4ТВ, направи пресек на досегашниот мандат и упати остри критики до претходната власт за, како што рече, „целосно девастирање“ на културниот сектор. Според него, новата влада се соочила со колабиран систем во кој институциите немале обезбедено буџети за плати ниту за половина година.

„Направивме големо реструктурирање. Начекавме институции без буџети, сведени на минимум, со изгубени работни места и позиција недостојна за културата. Наша примарна цел во овој процес беше буквално да ги кренеме институциите и да ги вратиме на нозе, онака како што му приликува на овој сектор“, изјави Љутков.

Појаснувајќи го терминот „девастирани институции“, министерот посочи дека од 2018 година е забележан пад на буџетите во културата за речиси 70 отсто, а сите капитални инвестиции биле замрзнати во периодот од 2017 до 2024 година. Како пластичен пример, тој ја посочи стопираната изградба на Драмскиот театар во Скопје.

„Во 2017 година веќе имаше потпишан договор за изградба на Драмски театар. Со доаѓањето на претходната влада, овој проект, како и многу други кои беа во процес на изградба, веднаш беше стопиран. Кога имате пауза од седум години и се враќате назад, сфаќате дека не можете само да продолжите таму каде што е застанато“, нагласи Љутков.

Министерот објасни дека поради седумгодишниот вакуум, штетите се двојни. Сега проектите мора да се ревидираат од почеток бидејќи сценската технологија и одобрените материјали од 2017 година веќе не постојат на пазарот. Дополнително, во дел од објектите комплетно се уништени инсталациите, што го прави буџетирањето за нивно обновување двојно поголемо.

Љутков се осврна и на новата синергија меѓу двата ресори, потенцирајќи дека спојувањето на културата и туризмот било клучен и стратешки чекор.

„Статистиките и разговорите на терен потврдуваат дека најголемиот број од туристите кои доаѓаат во Македонија, доаѓаат токму поради културниот туризам. Затоа ова спојување беше есенцијално“, заклучи министерот за култура и туризам.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни