Македонија

Љутков алармира: По инцидентот во Кочани, вонредна инспекција покажа дека дел од културните објекти се небезбедни за јавноста

Љутков алармира: По инцидентот во Кочани, вонредна инспекција покажа дека дел од културните објекти се небезбедни за јавноста

Културните институции во земјава не се само работно место за уметниците, туку и простор каде секојдневно циркулира огромен број на публика, поради што безбедноста на објектите мора да биде на највисоко ниво, порача министерот за култура и туризам Зоран Љутков во гостувањето на „4ТВ“.

Тој откри дека веднаш по немилиот настан во Кочани, министерството испратило вонредни инспекциски служби во сите национални установи за да ја утврдат реалната состојба, а резултатите биле загрижувачки.

„Сносиме одговорност и за вработените, но и за граѓаните кои доаѓаат како публика. Инспекцијата констатираше дотраени згради и објекти кои буквално не се во можност повеќе да функционираат. Таков е случајот со Народниот театар ‘Војдан Чернодрински’ во Прилеп, каде што со години никој не се грижел за установата и објектот беше оставен да пропадне“, изјави Љутков.

До крајот на јули готово решението за театарот во Прилеп

Наместо само констатирање на штетите, министерството веднаш презело конкретни чекори за спас на прилепскиот театар. Љутков најави дека изработката на проектната документација е веќе во завршна фаза.

„При крај сме со изработка на решението. Очекувам до крајот на јули да го имаме комплетното проектно решение за изградба и реконструкција на Народниот театар во Прилеп. Веднаш по најавениот ребаланс на буџетот, планираме да започнеме и со теренска реализација на овој капитален проект“, истакна министерот во „Ноќно студио“.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни