Македонија

Јаневска: Студентите од Безбедност останаа без пари за оброк бидејќи факултетот не пратил список

Јаневска: Студентите од Безбедност останаа без пари за оброк бидејќи факултетот не пратил список

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, појасни дека студентите од Факултетот за безбедност месецов не ги добиле средствата за субвенциониран студентски оброк поради административен пропуст на самата високообразовна установа, која навреме не го доставила потребниот список до нејзиното министерство.

Како што истакна Јаневска одговарајќи на новинарско прашање, факултетите имаат законска обврска секој месец – во периодот од 1-ви до 20-ти – да доставуваат ажурирани списоци. Оваа процедура е неопходна бидејќи бројот на корисници на ова право постојано варира.

„Во овој случај, Факултетот за безбедност не доставил список. Министерството нема ниту законско право, ниту можност да постапи поинаку од она што го предвидува законот. Разбирам дека студентите се револтирани, но одговорноста е кај факултетот и тој треба да го реши проблемот“, децидна е министерката.

Таа додаде дека законите и правилата мора да важат подеднакво за сите и дека државата не може да прави изземања. Според неа, слични пропусти се случувале и кај други факултети во изминатите две години, но по првата грешка, управите на тие установи почнале редовно и навремено да ги исполнуваат своите обврски кон студентите.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни