Премиерот Христијан Мицкоски изрази чудење за реакциите во јавноста откако се дозна дека телефонски контактирал со републичкиот јавен обвинител, Ненад Савески. Поводот за разговорот беше одлуката на обвинителката Катерина Коларевиќ да го затвори случајот со злоупотребите со мазут поради недостиг на докази – потег кој претходно предизвика сериозен шок и незадоволство во извршната власт.
Одговарајќи на новинарски прашања за потенцијално мешање во правосудството, Мицкоски направи јасна дистинкција меѓу судската и обвинителската власт, нагласувајќи дека не гледа ништо спорно во комуникацијата со првиот човек на Обвинителството.
„Не знам што е чудно што сум се слушнал со јавниот обвинител, не можам да разберам. Друго се судиите, судската власт е сосема самостојна. Но, јавниот обвинител го предлагаме ние како Влада, а го избира Парламентот. Логично е да барам отчет од него“, дециден е премиерот.
Најава за нови истраги Мицкоски ги откри и деталите од разговорот со Савески, посочувајќи дека се распрашувал до каде се актуелните предмети. Според неговите зборови, обвинителот го информирал дека 80 проценти од претходно нераспределените предмети веќе се дадени во работа, што значи отворање на нови предистраги и истраги.
„Не гледам зошто од тоа се направи врева. Сум разговарал со јавниот обвинител? Ќе разговарам и во иднина, тоа ми е работа – да го прашувам што е, како е и до каде е. Го предложила Владата што јас ја водам, го избрале пратеничките групи од владината коалиција и нормално е да се интересирам за процесите“, заклучи Мицкоски.