Поранешниот министер за земјоделство и актуелен пратеник од СДСМ, Љупчо Николовски, во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ упати остри критики до својот наследник Цветан Трипуновски, потенцирајќи дека утрешната интерпелација во Собранието е прашање на елементарна политичка одговорност.
Николовски посочи дека меѓународниот скандал со злоупотреба на европските ИПАРД фондови, каде што се во прашање суми за мито од 50.000 до 100.000 евра, нанел огромна штета врз меѓународниот углед на државата.
„Кога твоите најблиски соработници, со кои секојдневно се сликаш на терен, ќе бидат фатени во огромен криминал, одговорноста е твоја. Секој треба да одговара пред законите, но срамот кој овој скандал му го нанесе на Македонија е непоправлив. Актуелниот министер не може да го избрише гневот на земјоделците со бришење негативни коментари на Фејсбук“, изјави Николовски.
Тој додаде дека во последните две години од мандатот на претходната влада биле донесени пет клучни реформски закони (за рибарство, ловство, советодавен систем итн.), додека сега две години нема ниту една нова мерка, туку само кратење на субвенциите и незадоволство кај производителите.
За кривичната пријава од МВР: „Тоа е техничка местенка за најуспешната реформа“
Запрашан за информативниот разговор во полиција и кривичната пријава за наводно незаконско доделување на 820.000 евра за микро-производители на вино во 2023 година, Николовски одговори дека станува збор за политички мотивиран обид да се оцрни најуспешниот економски проект во државата.
Според него, министерот Трипуновски поднесува пријави и тактизира за да го скрие сопствениот неуспех и фактот што Европската комисија донела одлука за прекин на програмите, која власта намерно ја крие од јавноста.
„Ние создадовме сосема нова економска гранка во изминатите години. Луѓето кои со децении произведуваа по визбите и продаваа домашни производи по тезги во сивата зона, ги внесовме во легален систем. Во 2019 година, и покрај огромниот отпор од големите вински куќи, направивме храбри измени во Законот за вино. Овозможивме физички лица да се регистрираат, да флашираат и да брендираат, наместо да зависат од уцените на големите откупувачи“, објасни Николовски.
Од нула до стотици винарии и милионски извоз
Успехот на укинатите мерки, според поранешниот министер, најдобро се гледа преку официјалните бројки:
- Мали семејни винарии: Од нула во 2019 година, денес има над 270 регистрирани мали винарии.
- Мали оператори со храна: Од нула до над 4.000 регистрирани производители на традиционални македонски производи (ајвар, џемови, сокови, тартуфи).
- Раст на извозот: Вкупниот извоз на вино е зголемен за речиси 20 милиони евра, при што структурата е променета – вредноста на извозот на флаширано вино со висока додадена вредност пораснала за над 15 милиони евра.
„Нашите мали семејни винарии денес извезуваат во Канада, Америка и Австралија и ги носат најголемите меѓународни награди. Овие 300 објекти денес вработуваат проектанти, енолози, сомелиери, градат дегустациони сали и апартмани и го движат руралниот туризам. И сега, бидејќи тоа некому му пречи, наоѓаат формално-технички ситници за да ја оспорат мерката. Програмата имаше чист законски основ преку Законот за извршување на буџет и помина со позитивни мислења од сите институции“, заклучи Николовски во „Ноќно студио“.