Над 100 текстилни работнички и работници од конфекциите „Фермактекс“ и „Европа Фешн“ попладнево излегоа на масовен протест во Штип, револтирани бидејќи со месеци се оставени без егзистенција. Работниците бараат итна исплата на три неисплатени плати и придонеси за април, мај и јуни минатата година, како и законски исплати за К-15 и отпремнини.
Поради неплатените придонеси, на вработените им е укинато и правото на здравствено осигурување, што дополнително ја усложнува нивната состојба бидејќи станува збор за повозрасни и главно болни лица.
Текстилните работнички ја опишуваат состојбата како крајно нехумана и апелираат државата конечно да застане во нивна заштита.
„За три месеци не зедовме ниту плата, ниту придонеси. Ни беше укинато здравственото осигурување и бевме оставени буквално без ништо, да се снаоѓаме како знаеме. Очекуваме државата да ги преземе основните обврски и да ги заштити нашите права. Не смееме да останеме само бројка на напуштени луѓе без никаков приход“, изјави Анета Јованова, вработена во една од конфекциите.
Нејзината колешка, 59-годишната Светлана Петкова, која поминала 17 години на шивачка машина во овие две компании, вели дека се оставени на милост и немилост.
„Не нè прашуваат дали имаме или немаме. Како да се снајдеш кога четири месеци си без денар? Најстрашно е што не можеме да отидеме на лекар, а речиси сите сме под постојана терапија и лекови“, рече со солзи Петкова.
Кристина Ампева од здружението „Гласен Текстилец“, кое дава силна поддршка на протестот, информираше дека вкупниот долг на двете конфекции кон работниците надминува 13 милиони денари. Станува збор за фирми со германски капитал, со кои менаџирале управители од Бугарија, а случајот веќе добива меѓународна завршница.
- Германска истрага: Случајот е веќе процесиран пред германскиот Национален контакт пункт за ОЕЦД насоки.
- Притисок врз сопствениците: Германските институции веќе преземаат конкретни чекори и бараат одговорност од сопственикот, германскиот холдинг Feldkoess Holding GmbH, како и од бугарските управители.
- Вклучени амбасади: За хаосот во Штип веќе се официјално информирани германските амбасади во Скопје и Софија.
„Како е можно германските институции повеќе да се залагаат за правата на македонските работници отколку нашите, домашни институции кои се платени од наши пари?“, прашува Ампева.
Работниците и „Гласен Текстилец“ од денешниот протест упатија ултиматум до три клучни домашни институции: Основното јавно обвинителство во Штип, Финансиската полиција и Одделот за економски криминал при МВР.
Од нив се бара итно да постапат по веќе поднесените претставки, да го запрат криминалот на странските инвеститори и соодветно да ги заштитат како ограбените работници, така и државниот буџет.