Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) донесе одлука за намалување на референтните цени на ХПВ генотипизацијата и ликвид ПАП цитологијата, со што ќе се овозможи поголем број жени да бидат опфатени со превентивни прегледи за рано откривање на рак на грлото на матката.
Според Фондот, мерката веќе е во сила и има за цел да ја подобри достапноста на современите дијагностички услуги, истовремено намалувајќи ги трошоците што ги плаќаат осигурениците.
Референтната цена на ХПВ генотипизацијата е намалена од 5.500 на 3.310 денари, што претставува намалување од 39,8 проценти. Воедно, партиципацијата што ја плаќа пациентот се намалува од 550 на 350 денари.
Кај ликвид ПАП цитологијата, референтната цена е намалена од 2.200 на 1.250 денари, односно за 43,2 проценти, додека партиципацијата се намалува од 250 на 150 денари. Конвенционалниот ПАП тест останува со непроменета цена од 600 денари.
Од ФЗОМ посочуваат дека ревизијата на цените е направена врз основа на анализата на фактурираните услуги во текот на 2025 година. Според пресметките, со истото ниво на финансирање ќе може значително да се зголеми бројот на достапни тестирања.
Така, бројот на ХПВ тестирања годишно би се зголемил од 13.466 на 22.375, што е раст од 66,2 проценти или дополнителни 8.909 тестови. Кај ликвид ПАП цитологијата, бројот на тестирања би пораснал од 2.427 на 4.271 годишно, што претставува зголемување од 76 проценти.
Генералниот директор на ФЗОМ, Сашо Клековски, истакна дека со оваа мерка не само што се намалуваат трошоците за осигурениците, туку се создаваат услови значително повеќе жени да добијат пристап до современи превентивни прегледи.
На денешниот брифинг беше соопштено и дека се прават измени во Шифарникот на лекови во делот на лековите што содржат активна супстанција топирамат, која се користи во третманот на епилепсија и други невролошки состојби.
Од Шифарникот, со важност од 1 мај годинава, се избришани лековите „Епирамат“ на производителот Плива и „Тирамат“ на производителот Белупо. За да се обезбеди непречена достапност на терапијата, во новиот шифарник што е во подготовка ќе биде вклучен лекот „Тирамат“ од производителот Фармавита, обезбеден преку интервентен увоз.
Од ФЗОМ уверуваат дека со ова ќе се обезбеди континуитет во лекувањето и непречен пристап до терапијата за пациентите кои го користат овој лек.