Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), што денеска се одржа во Софија, повика на обновување на регионалниот дух на соработка и на поголема солидарност меѓу државите од регионот во справувањето со заедничките предизвици.
Во своето обраќање таа истакна дека Југоисточна Европа се соочува со сериозни проблеми како што се иселувањето на младите, стареењето на населението, економските предизвици и сложените геополитички околности, поради што е потребно одговорно и визионерско лидерство насочено кон заедничките интереси.
Сиљановска-Давкова нагласи дека процесот на проширување на Европската Унија треба да се заснова на Копенхашките критериуми, а динамиката на пристапувањето да зависи од спроведените реформи и постигнатите резултати.
Осврнувајќи се на европската перспектива на регионот, претседателката цитираше мисла од бугарскиот писател Георги Господинов, предупредувајќи дека Балканот има потреба од дебалканизација преку европеизација и надминување на старите поделби.
Според неа, европската интеграција не е само природен процес, туку и геополитичка и безбедносна неопходност, при што стабилен и просперитетен Балкан е во интерес и на државите од регионот и на цела Европа.
Таа упати порака дека успехот на секоја држава треба да се доживува како успех на целиот регион и дека натпреварот меѓу земјите треба да се води во сферата на знаењето, иновациите, културата и економскиот развој, наместо преку блокади и поделби.
На крајот од своето обраќање, Сиљановска-Давкова повика на поголема регионална одговорност како предуслов за стабилна, предвидлива и сигурна заедничка иднина.