Цените на нафтата денеска забележаа значителен пад на светските пазари, откако САД и Иран соопштија дека постигнале договор за рамката на преговорите за завршување на воениот конфликт. Дополнителен импулс за смирување на пазарите даде и најавата за повторно отворање на Ормускиот Теснец, една од најважните светски поморски рути за транспорт на нафта.
На меѓународните берзи цената на нафтата се спушти под 80 долари за барел, откако Вашингтон и Техеран потврдија дека е усогласен текстот на меморандумот за разбирање кој треба да биде основа за мировните разговори.
Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека договорот е финализиран и дека САД ќе ја укинат поморската блокада на иранските пристаништа. Според него, по потпишувањето на документот, кое е најавено за петок, ќе биде овозможен непречен поморски сообраќај низ Ормускиот Теснец.
Потврда за договорот пристигна и од иранскиот Врховен совет за национална безбедност, кој соопшти дека меморандумот е завршен и дека по неговото потпишување ќе започне процесот на отворање на теснецот.
Според иранската агенција Тасним, една од клучните теми во преговорите била режимот на пловидба низ Ормускиот Теснец. Во документот е предвидено Иран и Оман да обезбедуваат услуги за поморска навигација, а во првите 60 дена нема да се наплатуваат такси за бродовите што ќе минуваат низ овој важен воден пат.
По истекот на тој период, Техеран планира да воведе надоместоци за користење на навигациските услуги, додека американската страна очекува теснецот да остане отворен без дополнителни давачки и на подолг рок.
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс изјави дека токму овие прашања ќе бидат предмет на дополнителни технички преговори во наредниот период.
Во меѓувреме, Иран ќе продолжи со извозот на нафта во текот на 60-дневните разговори, додека САД најавуваат укинување на блокадата на иранските пристаништа до крајот на неделата.
Пред почетокот на конфликтот, Иран извезувал повеќе од три милиони барели нафта дневно, најголем дел на кинескиот пазар. Аналитичарите оценуваат дека евентуалното целосно нормализирање на испораките би можело дополнително да влијае врз намалување на цените на енергенсите на глобално ниво.