Во Тихиот Океан повторно се активира климатскиот феномен Ел Нињо, а поради неговиот потенцијален интензитет метеоролозите сѐ почесто го нарекуваат „Годзила Ел Нињо“. Овој назив првпат стана популарен за време на исклучително силниот Ел Нињо во периодот 2015-2016 година, кој беше меѓу најмоќните досега регистрирани.
Светските метеоролошки служби внимателно ги следат промените во тропскиот дел на Тихиот Океан, а дел од прогнозите предупредуваат дека 2027 година би можела да стане најтоплата година откако се вршат мерења на глобалната температура.
Експертите објаснуваат дека Ел Нињо има одложено влијание врз атмосферата, што значи дека неговите најсилни последици често се чувствуваат и долго по неговото појавување. Климатскиот економист од Универзитетот Стенфорд, Маршал Бурк, како и претставници на Светската метеоролошка организација (СМО) и британската метеоролошка служба, предупредуваат дека светот би можел да се соочи со историски топлотни бранови.
Што е Ел Нињо?
Ел Нињо е природен климатски феномен кој предизвикува значителни промени во временските услови во многу делови од светот. Најчесто се поврзува со екстремно високи температури, суши и зголемен ризик од шумски пожари.
Неговото враќање следува по неколку години доминација на Ла Ниња – спротивниот климатски феномен кој носи поголеми количини врнежи и поплави. Поради тоа, научниците предупредуваат дека подрачјата кои неодамна се соочувале со обилни дождови и поплави би можеле брзо да преминат во период на сериозен недостиг на вода.
Дополнителна загриженост предизвикува фактот што Ел Нињо се развива во период кога планетата веќе бележи рекордно високи температури. Според податоците на Светската метеоролошка организација, изминатата деценија била најтоплата во историјата на мерењата, а глобалната температура веќе се движи околу 1,5 степени Целзиусови над прединдустриското ниво.
Научниците нагласуваат дека Ел Нињо не е директна последица на климатските промени, туку природен циклус кој постои илјадници години. Сепак, денес неговите ефекти се засилуваат бидејќи се случува во свет кој е значително потопол отколку пред неколку децении.
Дали „Годзила Ел Нињо“ ќе ги оправда стравувањата?
Засега не е сигурно дали новиот Ел Нињо навистина ќе биде доволно силен за да го оправда прекарот „Годзила“. Прогностичките модели сè уште даваат различни проценки за неговиот интензитет.
Но, податоците од последните седум децении покажуваат јасен тренд – топлотните бранови стануваат сè почести и посилни, сезоните на пожари траат подолго, а океаните се загреваат со досега невидено темпо.
Поради тоа, научната заедница предупредува дека наредните години би можеле да донесат нови климатски предизвици и екстремни временски појави во повеќе региони низ светот.