Македонија

Македонија под зголемен ризик од суши, потребни повеќе инвестиции за адаптација

Македонија под зголемен ризик од суши, потребни повеќе инвестиции за адаптација

Сушата сè повеќе станува еден од најголемите климатски предизвици за Македонија, со директни последици врз водните ресурси, земјоделството и локалните заедници. Експертите предупредуваат дека подолгите сушни периоди и растот на температурите ја зголемуваат потребата од навремени мерки и поголеми инвестиции за адаптација.

По повод 17 Јуни – Светскиот ден за борба против опустинување и суша, од Центарот за климатски промени посочуваат дека земјите од Медитеранот, меѓу кои и Македонија, се сè поизложени на намалени врнежи и продолжени периоди без доволно вода.

Според анализите и проценките, значителен дел од Североисточниот, Скопскиот, Вардарскиот, Пелагонискиот и Југоисточниот регион се оценети како ранливи на суша. Особено чувствителни се Скопската и Штипската котлина, како и Овчеполието.

Од Центарот за климатски промени велат дека овие податоци ја покажуваат потребата од локално прилагодени политики, подобро планирање и вложувања во мерки кои ќе ја зголемат отпорноста на заедниците.

„Паралелно со развојот на алатки за проценка, се работи и на подигање на јавната свест и јакнење на капацитетите на општините за поефикасно справување со сушата и останатите климатски ризици“, велат од организацијата.

Сушата претставува сериозен предизвик и за земјоделството, особено затоа што земјоделското земјиште зафаќа околу половина од територијата на земјата. Недостигот на вода директно влијае врз производството на храна, приходите на земјоделците и руралната економија.

Климатските проекции покажуваат дека во сценарио со високи емисии, до крајот на векот температурата во земјата може да се зголеми за околу пет степени Целзиусови, летните врнежи да се намалат за 40 проценти, а бројот на летни денови да се зголеми за 50 до 60 дена годишно.

Професорот Тошо Арсов од Катедрата за овоштарство при Факултетот за земјоделски науки и храна посочува дека климатските промени веќе имаат значително влијание врз земјоделското производство.

„Просечната годишна температура на територијата на нашата држава веќе е зголемена за еден до два степени. Во комбинација со намаленото количество врнежи, тоа создава сериозен проблем за одгледување овошни насади без можност за наводнување“, вели Арсов.

Тој додава дека денес повеќе не може да се препорача интензивно производство на овошни видови без обезбедени услови за наводнување, поради сè почестите сушни периоди, жешките лета, намалената влажност и другите климатски промени.

Од Центарот за климатски промени апелираат за рационално користење на водните ресурси, особено во периоди кога ризикот од суша е зголемен. Тие препорачуваат да се избегнува користење вода за пиење за непотребни активности, како и нерационално трошење во домаќинствата и земјоделството.

Според нив, справувањето со сушата бара координиран пристап, посилни институции и обезбедување финансиски средства за спроведување на мерки за адаптација кон климатските промени.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни