Македонија

Докторите заминуваат од Брзата помош, се воведуваат парамедици

Докторите заминуваат од Брзата помош, се воведуваат парамедици

Возилата на Итната медицинска помош во Македонија наскоро целосно ќе го променат својот состав. На местото на лекарите, кои со децении беа дел од теренските екипи, доаѓаат парамедици – стручен кадар кој ќе се школува преку наменски тригодишни студии, најави министерот за здравство во своето последно интервју во емисијата „Ноќно Студио“.

Оваа радикална реформа има за цел да го реши клучниот дефицит од медицински кадар во болниците, но и да го доближи македонскиот здравствен систем до светските и европските стандарди.

Крај на докторите на терен

Моменталниот систем на Итна помош налага секоја екипа на терен да биде составена од доктор, медицинска сестра и возач. Сепак, анализите на Министерството за здравство покажуваат дека ваквиот модел е неодржлив поради огромниот дефицит на лекари во јавно-здравствените институции.

„Ништо не размислуваме од нула, туку едноставно превземаме добри практики од земјите. Во светот веќе не можете да видите доктор којшто работи во Брза помош. Затоа воведуваме парамедици, со цел докторите да одат во здравствените институции, на специјализации и супспецијализации каде што се најпотребни“, изјави министерот.

Парамедиците ќе бидат професионалци обучени со специфични тригодишни студии, целосно фокусирани на брза реакција, тријажа и нудење на примарна здравствена грижа и прва помош за време на транспортот на пациентот од неговиот дом или од местото на несреќата до најблиската болница.

Брзата помош станува независна институција

Паралелно со воведувањето на парамедиците, реформата предвидува и целосно институционално одвојување на Итната медицинска помош. Како што откри министерот, предлог-одлуката веќе поминала на владина седница.

Брзата помош повеќе нема да биде расцепкана по здравствените домови, туку ќе се формира како посебно, независно институционално тело со кое ќе се командува од еден централизиран софтверски центар. Целта е драстично да се скрати времето на одговор на повиците, кое во моментов во Македонија изнесува загрижувачки 30 до 40 минути, за разлика од Словенија каде просекот е меѓу 7 и 8 минути.

Технолошка поддршка во реално време

За да се осигура безбедноста на пациентите во преодниот период и да се гарантира врвна услуга, новите возила на Итната помош ќе бидат опремени со софистицирани софтверски решенија и камери.

Доколку парамедиците на терен се соочат со комплицирана медицинска состојба, тие преку видео-врска во реално време ќе можат да комуницираат со врвни специјалисти и супспецијалисти лоцирани во клиничките центри, кои од дистанца ќе асистираат во водењето на интервенцијата.

Новата административна и законска рамка е веќе во подготовка, а првите чекори кон имплементација на овој систем, кој целосно ќе ја промени филозофијата на ургентната медицина во државата, се очекуваат веќе во следните неколку месеци.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни