Рокови и тек на реконструкцијата
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека процесот за реконструкција на Владата во првиот ешалон ќе се формализира до крајот на јуни, а списокот со новиот состав најдоцна до 1 јули ќе биде доставен до пратениците. Тој нагласи дека во интерес на процесот нема да коментира поединечни кадровски имиња, но потврди дека на маса се сите опции, вклучително и промени на ресори.
„Атмосферата на средбата со ВЛЕН беше добра и пријатна. Денеска ќе разговараме отворено за сите добри страни, но и за слабостите и со ЗНАМ. Очекувам многу брзо да го затвориме овој прв дел од процесот и најдоцна до 1 јули списокот со новиот состав да се најде пред парламентарците“, изјави Мицкоски.
Реконструкцијата, како што најави премиерот, нема да запре на ниво на министри. Во текот на летото ќе продолжи проценката на работата на директорите на јавните претпријатија и на подрачните единици на локално ниво.
„Имаме прилично голема бројка на директори на локално ниво. Повеќето добро си ја вршат работата и сме исклучително задоволни, но има и места каде што е потребно да се поправиме. Овој процес на реконструкција длабински и суштински ќе промени многу нешта заклучно со крајот на летото“, рече тој.
Паралелно, од втората половина на јули до крајот на септември, партијата ќе спроведе теренски процес за ажурирање на членството и за нови зачленувања.
Министерството за здравство и вицепремиерската позиција
На прашањето за можноста министерот за здравство Азир Алиу да ја преземе вицепремиерската функција на Арбен Фетаи, Мицкоски одговори дека нема да коментира такви комбинаторики.
Во врска со шпекулациите за неговото евентуално заминување од извршната власт, министерот Фатмир Лимани изјави дека позициите не се вечни и дека одлуката за тимот е во рацете на мандатарот, додавајќи дека досега воопшто не разговарал со премиерот на оваа тема.
„Ние знаеме дека и во Фудбалската федерација има селектор кој си ја прави екипата, а овде има мандатар кој го составува својот тим. Не сме на овие позиции за да бидеме товар на премиерот, туку да бидеме играчи кои ќе ја завршат работата во полза на народот. Дури и ако денес завршува мојот мандат, мислам дека повеќе треба да се насочиме кон тоа што сме направиле за доброто на државата, без разлика која е цената што треба да ја платиме“, изјави Лимани.
Еден од копретседателите, Биљал Касами, во интервју за „360 степени“ оцени дека владиното мнозинство е сериозно и стабилно и дека се подготвени за најавената реконструкција, вклучително и за ротација на ресори.
Од движењето ЗНАМ соопштија дека на средбата со Мицкоски ќе побараат детали за точниот опфат на реконструкцијата. Министерот за јавна администрација и кадар на ЗНАМ, Горан Минчев, потсети дека при влезот во Владата пред две години со ВМРО-ДПМНЕ бил склучен договор за четиригодишна коалиција и дека двете партии имаат усогласени ставови по клучни прашања, вклучително и ригиден став против промена на Уставот. Тој најави дека ЗНАМ на следните парламентарни избори ќе настапи самостојно, без разлика дали ќе бидат редовни или предвремени, и оцени дека министрите од ЗНАМ одлично си ја вршат работата.