Свет

Околу 26.000 удари од гром ја погодија јужна Британија, земјата се соочува со топлотен бран

Околу 26.000 удари од гром ја погодија јужна Британија, земјата се соочува со топлотен бран

Делови од јужна Велика Британија во текот на ноќта беа погодени од околу 26.000 удари од гром, додека земјата се соочува со силен топлотен бран и предупредувања за екстремно високи температури.

Според метеоролошките податоци, некои делови од земјата ја забележале првата тропска ноќ во јуни, со температури кои не паднале под 20 степени Целзиусови.

Топол и влажен воздух пристигнал од европскиот континент, каде што во Франција веќе биле соборени одредени температурни рекорди за месец јуни.

Метеоролозите предупредуваат дека во Велика Британија во текот на оваа недела е можно да бидат соборени температурните рекорди, а температурите би можеле да надминат и 40 степени Целзиусови.

Поради комбинацијата од екстремна жештина и висока влажност, издадени се црвени и жолти предупредувања за опасни временски услови.

Невремето проследено со силни грмотевици предизвика проблеми во сообраќајот и снабдувањето со електрична енергија. Аеродромот во Бристол привремено беше затворен поради дефект во системите за контрола на воздушниот сообраќај, а стотици домаќинства во Гластонбери краткотрајно останаа без струја.

Противпожарната служба во Ејвон соопшти дека се претпоставува дека удар од гром предизвикал пожар во куќа во Емерсонс Грин. Пожарот бил ставен под контрола по неколку часа, а нема повредени лица.

Поради најавените екстремни температури, повеќе училишта низ Англија и Велс најавија привремено затворање или скратување на наставата. Меѓу нив се училиштата во Бакингемшир, Вилтшир и Свиндон.

Националното здружение на директори на училишта испратило насоки до образовните установи за постапување за време на топлотниот бран, вклучително и проценка на ризиците за учениците и вработените.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни